Захарова за Литванија: Ги поминаа сите граници, ќе нè натераат да реагираме

 

Литванија со забраната за транзит на стока по железница до Калининградската област покажува агресивно однесување, изјави портпаролката на Министерството за надворешни работи на Русија, Марија Захарова, пишуваат руските агенции.

„Тие се однесуваат агресивно, ја преминаа границата, дури и ги надминаа рамките на однесување предвидени со меѓународното право. Се однесуваат агресивно и непријателски“, рече Захарова во емисијата „Соловјов во живо“.

Таа изјави и дека Литванија провоцира и дека овие провокации ќе ја принудат Москва да реагира на соодветен начин.

Нагласи дека мора да ја разберат сериозноста на последиците од забраната за транзит на стока во Калининградската област.

На 20 јуни, Министерството за надворешни работи на Русија објави дека Русија ги оценува како непријателски дејствијата на Литванија кои доведоа до блокада на железничкиот транспорт на одредени видови руски стоки до регионот Калининград и дека таквите мерки ги прекршуваат меѓународните обврски на Вилнус.

Претходно, литванската железница ја информираше железницата Калининград дека на 18 јуни ќе го запре транспортот на стоки кои потпаѓаат под санкциите на ЕУ.

Гувернерот на Калининградската област Антон Алиханов изјави дека Русија размислува да одговори на одлуката на Литванија значително да го намали железничкиот транзит на товар до таа област од другите региони на Русија и дека одлуката е незаконска и може да има далекусежни последици за Европската Унија.

21.06.2022 - 11:20

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега