Захарова: Јасно е како ден - НАТО не сака мир

 

Портпаролката на Министерството за надворешни работи на Русија, Марија Захарова, денеска изјави дека алијансата не е заинтересирана за политичко и дипломатско решение во Украина.

Таа оцени дека заедничката изјава усвоена на состанокот на министрите за надворешни работи на НАТО во Букурешт укажува дека алијансата не сака мирно решение во Украина.

„Формулацијата на таа изјава укажува дека НАТО е апсолутно незаинтересиран за политичко и дипломатско решение во Украина“, рече Захарова, пренесува ТАСС.

Захарова смета дека НАТО продолжува да ја спроведува политиката формирана веднаш по државниот удар во Украина во февруари 2014 година, која вклучува „давање бланко поддршка на режимот во Киев и, соодветно, демонизирање на Русија со цел да се оправда самото постоење на НАТО“.

Министрите за надворешни работи на земјите членки на НАТО претходно на самитот во Букурешт изјавија дека ќе ја зголемат помошта за Украина, не само со воена опрема, туку и во реконструкција на критичната инфраструктура и зголемена заштита од ракетни напади.

Во соопштението се наведува дека Русија сноси целосна одговорност за војната, кршење на меѓународното право и принципите на Повелбата на ОН.

Министрите на НАТО истакнаа дека неприфатливите активности на Русија, вклучително и хибридни активности, енергетска уцена и непромислена нуклеарна реторика, го поткопуваат меѓународниот поредок заснован на правила.

30.11.2022 - 19:01

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега