Главната расправа за трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани денеска продолжи со поднесување оштетни побарувања, откако планираното изјаснување за вина на 37-те обвинети и воведните зборови на одбраната беа одложени.
Одложувањето се случи поради забелешките на бранителите дека изменетиот текст на обвинението сè уште не им е доставен на нивните штитеници. Дел од бранителите побараа обвинението да биде преведено и на албански јазик.
Кочанскиот обвинител Борче Јанев во судницата истакна загрижувачки нови информации поврзани со преживеаните:
„Имало случаи каде лица првично по пожарот немале никакви повреди или симптоми… меѓутоа неколку месеци по пожарот веќе пријавуваат проблеми со дишење и други здравствени проблеми“, истакна Јанев.
На обвинителна клупа се 37 обвинети (34 физички и 3 правни лица), меѓу кои инспектори, сопственици, управители, обезбедување и поранешни градоначалници.

