Заев во Софија се сретна со шведскиот премиер Лофвен

 

Република Македонија направи сериозни позитивни придвижувања во целиот регион и е пример како една мала земја може да биде голема надеж за Западниот Балкан и за Европа, беше посочено на денешната средба во Софија меѓу премиерот Зоран Заев и неговиот колега од Кралството Шведска Стефан Лофвен во рамките на Самитот на ЕУ за Западен Балкан. 

На средбата на која присуствуваа и вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи и министерот за надворешни работи Никола Димитров, информира владината прес-служба, премиерот Заев го изрази задоволството од блиските политички односи и од взаемното разбирање меѓу двете земји, преточено и во Декларацијата за соработка меѓу Кралството Шведска и Република Македонија, како и со обновените договори за билатерална асистенција на Кралството Шведска за нашата земја.

Премиерот Заев го запозна Лофвен со актуелниот политички момент во Република Македонија, и истакна дека Владата е мотивирана со силна политичка волја да ги спроведе докрај реформите за владеење на правото, за независни и функционални јавни институции во служба на граѓаните и во создавањето услови за слободни медиуми.

На средбата е потенцирано дека исклучително позитивните чекори што Република Македонија ги практикува во односите со соседите, низ отворен дијалог, посветен на градење на мостови на доверба и на взаемно почитување, ќе дадат резултати и во тековните разговори по прашањето на името со Република Грција.

Двајцата соговорници се согласија дека после неусловената препорака за предпристапни преговори на Европската комисија за Република Македонија, очекуваната одлука за датум за старт на преговорите со ЕУ, што треба да ја донесе Европскиот совет во јуни, ќе биде новата движечка сила за имплементација и за приоретизирање на реформите во нашата земја.

Премиерот Заев истакна дека поддршката од Кралството Шведска Европскиот совет на ЕУ, да утврди датум за преговори за Република Македонија ќе спречи стагнирање на реформите и на економските процеси, како и интензивирање на национализмот, и нестабилност во регионот. 

 

 

 

17.05.2018 - 12:39
Фото: 
Влада на РМ

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа