Заев во Софија се сретна со естонскиот и белгискиот премиер

Лидерството и реформски определената Влада ја донесе неусловената препорака и направи чекор повеќе на патот кон евро-атлантските интеграции, порача премиерот Зоран Заев на денешните средби со естонскиот и белгискиот колега, Јури Ратас и Шарл Мишел, што се одржаа непосредно пред почетокот на официјалниот работен ден на Самитот на ЕУ за Западен Балкан во Софија. Заев беше придружуван од вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи и министерот за надворешни работи Никола Димитров.

На средбата со премиерот на Естонија Ратас, информираат од владината прес-служба, беше изразено задоволство од односите меѓу двете земји, и подготвеност да се создадат услови за интензивирање на политичкиот дијалог на највисоко ниво за зајаканување на билатералните односи.

Премиерот Заев ги истакна искуствата на Естонија во однос на дигитализацијата на јавните услуги за граѓаните и изрази надеж дека Естонија ќе помогне овие искуства да се применат и во дигитализацијата на работата на јавната администрација во Македонија.

На средбата со премиерот на Кралството Белгија Шарл Мишел, двајцата соговорници заеднички констатираа дека лидерството и реформски определената Влада на Република Македонија, ја донесоа неусловената препорака на Европската комисија за старт на преговорите со ЕУ, и со тоа е постигнат чекор повеќе на патот кон евро-атлантските интеграции.

Премиерот Заев го информираше неговиот белгиски колега дека реформите во Македонија продолжуваат со засилено темпо, и дека очекува тоа да биде препознаено од Европската унија и од секоја земја членка и да се преточи во нова остварена одредница со утврдување датум за почеток на преговорите кој се очекува како одлука на Советот на ЕУ во јуни.

На двете средби премиерот Заев ги запозна своите колеги со актуелниот политички миг во земјата и за текот на разговорите за прашањето со проблемот што Грција го има со уставното име на нашата земја.

Премиерот Заев побара поддршка од Естонија и Кралството Белгија во пресрет на јунскиот самит на Европскиот Совет на ЕУ, и истакна дека очекуваниот датум за преговори за Република Македонија ќе превенира стагнирање на реформите и на економските процеси, како и интензивирање на национализмот и ќе го поттикне инволвирањето на трети страни во регионот.

Премиерите на Естонија Ратас и на Кралството Белгија Мишел, на двете одделни средби, изразија надеж дека во претстојниот период Република Македонија ќе добие конктретна поддршка за постигнатите остварувања на патот до членството во ЕУ и НАТО.

 

 

 

17.05.2018 - 10:25

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега