Заев: Во следниот мандат ќе обезбедиме уште повеќе пари кај граѓаните

Во следниот мандат ќе обезбедиме уште повеќе пари кај граѓаните за уште подобар економски стандард, вети лидерот на СДСМ, Зоран Заев.

„Уште во првите 100 дена од мандатот ја зголемивме минималната плата и тоа за сите сектори без да има дискриминирани работници како што беа тоа вработените во кожарската, чевларската и текстилната индустрија. Денес и по сите противења на ВМРО-ДПМНЕ минималната плата изнесува 14.500 денари. До крајот на новиот мандат ја носиме на 20.000 денари, односно дури за 120 отсто повеќе од минималната плата од 9.000 денари во времето на ВМРО-ДПМНЕ“, рече Заев.

Во овие 3 години, кажа тој, пораснала и просечната плата, а дека крајна цел на СДСМ е просечна плата од 34.000 денари до крајот на мандатот ако ја освојат власта.

„Ја исправивме и неправдата кон стечајните работници. Денес, 12.000 наши сограѓани добиваат по 8.000 денари месечен надоместок, а во следниот период добиваат и домашна платежна картичка од 9.000 денари. Додека многумина не веруваа, а ВМРО-ДПМНЕ силно се противеше, ја воведовме и спроведовме најсериозната и најраспространета мерка со која за првпат државата враќа пари директно на сметките на граѓаните. Со Мој ДДВ за само три квартали вративме 10,7 милиони евра кон граѓаните. Овој проект продолжува и е уште подобар затоа што лимитот го зголемуваме од 600 на 800 денари месечно, од 7.200 на 9.600 денари годишно по корисник“, рече Заев.

Со концептот парите кај граѓаните, додаде тој, не застанавме ниту кога се соочуваме со здравствена и економска криза. Напротив, рече Заев, продолживме да го реализираме уште подобро и уште повеќе.

„Со домашните платежни картички и со ваучерот за туризам кон повеќе од 324.000 граѓани граѓаните вративме 28 милиони евра за купување на наши, македонски производи и услуги, за посета на наши, домашни туристички центри и објекти. Во следниот период, покрај стечајните работници, домашна платежна картичка од 9.000 денари добиваат и пензионерите со пензии пониски од 15.000 денари, лицата кои се пасивни баратели на работа и самохраните родители“, рече Заев.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

08.07.2020 - 15:50

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега