Заев упати порака до Грција


Уставните измени за Договорот од Преспа што беа изгласани вчера во Собранието  денеска ќе бидат објавени во Службен весник на РМ, по што според премиерот Зоран Заев на почетокот на следната недела македонското Министерство за надворешни работи  ќе испрати нота до грчкото МНР за да ги известат дека е завршен процесот.

– Договорот стапува во сила откако ќе биде ратификуван во грчкиот парламент. За меѓународна употреба стапува веднаш, за домашна употреба со отварње на поглавјата не повеќе од пет години е опишано детално. Но дефинитивно, тоа е решението кое го прифативме и кои ги отвора перспективите на целиот наш народ и нашата земја, рече Заев меѓу другото и додаде оти не е потребен потпис од претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов.

Овие денови, потенцираше Заев, заедно со нашиот пријател Грција ќе ги отфрлиме изолацијата и недоразбирањата и заеднички ќе го потврдиме историскиото решение. – Убеден сум дека  и пратениците во грчкиот Парламент ќе ја препознаат и нивната голема улога во овој историски момент.  Силно верувам дека нашиот пријател Грција ќе го ратификува Договорот од Преспа и ќе биде првата земја која ќе го потпише протоколот од НАТО, а потоа ќе ги поведе останатите земји членки на Алијансата за да бидеме 30. земја членка на НАТО,  рече Заев.

Со решавањето на спорот со Грција, истакна Заев, веќе немаме ниту едно отворено прашање, со ниту еден сосед.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

12.01.2019 - 15:19

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега