Заев: Тешка илинденска ноќ - заедно ќе ги надминеме овие пеколни предизвици

Пожарите кои ја зафатија земјата донесоа тешка илинденска ноќ, но благодарение на професионалноста и солидарноста на пожарникарите и граѓаните и натаму немаме повредени или загрозени лица. Материјалната штета е нешто што со заеднички сили ќе го надоместиме, сега најголемата грижа на сите мора да ни биде безбедноста, напиша на својот фејсбук профил премиерот Зоран Заев.

Сите сили и капацитети на системот, како што пишува премиерот, се ангажирани под прецизна команда на Центарот за управување со кризи.

-Утрово два хеликоптери интензивно учествуваат во гасењето, а секој момент очекуваме да се приклучат уште четири, како помош од Република Србија. Во интензивна комуникација сме и со нашите НАТО сојузници од регионот кои се будни и подготвени да ни испорачаат помош согласно условите на теренот.

Во моментов се активни 13 пожари, повеќето се локализирани, кочанско е под контрола, а поинтензивна борба со огнот се води околу Старо Нагоричане, каде се насочени сериозни капацитети во гасењето.

Не одете во шумите, бидете внимателни и одговорни, заедно ќе ги надминеме овие пеколни предизвици, напиша премиерот Заев на Фејсбук. 

03.08.2021 - 11:20

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа