Заев: Со фотоволтаични системи на јавните објекти до големи заштеди во сметките за струја

Северна Македонија е земја на сонцето и имаме намера во иднина да го искористиме овој непресушен извор на енергија и да биде еден од најсериозните двигатели за раст и развој на државата, порача денеска премиерот Зоран Заев.

Тој на промоцијата на Проектот за проектирање и поставување на фотоволтаичните системи во 36 општини на 108 јавни објекти посочи дека географската позиција и климата во државава нудат одлична перспектива за користење на сончевата енергија. Годишно земјава, потенцира, просечно има 280 сончеви денови со 1.500 сончеви часови.

-Тоа се исклучително поволни услови за успешен развој на системите за сончева енергија. На наше барање Европската Унија се согласи да обезбеди 15,5 милиони евра за развој на руралната средина, а вкупниот износ на програмата вклучувајќи го и кофинансирањето од страна на Владата изнесува 20,6 милиони евра. Програмата ја имплементираше Министерството за финансии во соработка со Светска банка како посебен сегмент на ИПА рурални инвестиции во рамките на Проектот за подобрување на општинските услуги, рече Заев на денешната прес-конференција во Владата.

Од инсталираните фотоволтаични панели на 108 јавни објекти во рамките на проектот што се реализираше во четири региони во 36 општини, нагласи, се очекува годишна заштеда од 190.000 евра на сметките за потрошена електрична енергија.

Фотоволтаичните системи, како што рече, се поставени на 68 основни и средни училишта, шест детски градинки, 18 општинско-административни објекти, два домови на култура, три спортски општински сали, 13 здравствени домови, една ТЕ за противпожарна заштита, еден тренинг центар. Фотоволтаичните системи се поставени на пречистителните станици за отпадни води во Берово, Кичево и Македонски Брод, на четири фабрики за вода за водоснабдителните системи во Штип, Струга – Шум, Гостивар и Тетово и на една пумпна станица за водоводниот систем во Карбинци.

-Заштедите на потрошена електрична енергија кај објектите кои работат 24 часа може да изнесуваат од 28 до 82 проценти или 45 проценти во просек месечно, односно 1.000 евра по објект месечно. Кај осумте вакви објекти со вградени фотоволтаични системи заштедата годишно може да изнесува 96.000 евра, а за сите 108 објекти годишно околу 190.000 евра. Според очекуваните заштеди инвестицијата се враќа за 7,5 години, рече Заев.

Потсети и на останатите проекти за поставување на фотоволтаични електрани на државно и приватно земјиште за кои за некои е почната постапката за градба, а некаде се при крај јавните повици и додаде дека се планира да има фотонапонски електрани со вкупна инсталирана моќ од околу 200 мегавати.

Министерката за финансии Нина Ангеловска посочи дека заштедите што ќе се постигнат со поставувањето на фотоволтаичните системи на 108-те јавни објекти се еквивалент на 824 тони јаглерод диоксид на годишно ниво и додаде дека вложувањето во енергетска ефикасност е одговорот од Владата за еден од најголемите предизвици на 21. век – се поголемата побарувачка од енергија од една страна и намалување на штетното влијание врз човековата околина од друга страна.

-Проектот за поставување на фотоволтаични системи на 108 јавни објекти во 36 општини покажа дека подобрувањето на енергетската ефикасност не е само заложба, туку цел преточена во резултати кои денес ги претставуваме. Не застануваме тука, Министерството за финансии продолжува со друг проект за зголемување на енергетската ефикасност во јавниот сектор. Финансирањето на овој проект се планира да се обезбеди со заем од Светска банка, а во првата половина од наредната година општините ќе може да аплицираат за средства што ќе ги користат преку договори за подзаеми и грантови за реновирање на објекти под нивна надлежности и за системи за јавно осветлување, рече Ангеловска.

За таа намена, како што посочи, проценетите средства за општините изнесуваат 10,5 милиони евра, а вкупната вредност на целиот проект за енергетска ефикасност е 25 милиони евра. 

 

 

 

Добивајте вести на Viber

06.12.2019 - 15:01

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега