Заев: Со чествувањето на Денот на албанската азбука се потврдува определбата за почитување на етничката и културната разноличност

Денот на создавањето на албанската азбука има голема важност за сите Албанци и овој датум се смета за еден од клучните настани во историјата на Албанците и во нашата заедничка историја. Ова го напиша премиерот Зоран Заев во честитката по повод Денот на албанската азбука.

– Во градот на конзулите, избран за седиште на овој конгрес, кој се одржал од 14–22 ноември 1908 година, се собрале голем број истакнати албански личности од културниот и политичкиот живот од почетокот на 20 век. Претседателот на Конгресот, Мит’хат Фрашери и потпретседателите Луиѓ Гуракуќи и Ѓерѓ Ќиријази, претседателот на Комисијата Ѓерѓ Фишта, како и единствената жена на Конгресот Парашќеви Ќиријази, која подоцна ќе го напише првиот буквар на стандардизираниот албански јазик и азбука која што е во употреба до денешен ден. Денеска, во Музејот на албанската азбука во Битола, се наоѓа одлуката за единствено, стандардизирано албанско писмо, како и копијата од првиот пишуван запис на албанскиот јазик од Пал Енѓели од 1462 година, се вели во честитката.

Со унифицирањето и стандардизирањето на азбуката, албанското писмо, како што се наведува,  станува дел од рамноправните, модерно формирани европски писма и дел од разноличното богатство на светското културно наследство.

– Јазикот и негова соодветна азбука се дел од генетскиот код на еден народ и се произлезени од универзалното право на самоопределување. Во тој генетски код се елементите на идентитетот и потенцијалите за комуникација, општествена интеграција, за образование и развој. Наша должност, должност на државата е да ги почитува, чува и негува посебностите на јазикот и писмото на секоја нејзина заедница. На тоа нè повикуваат и европските вредности, како вредности што ги прифативме како наши на патот на нашата интеграција во Европската Унија, стои во честитката.

Премиерот Заев посочува дека со чествувањето на Денот на албанската азбука ја потврдуваме заедничката определба за почитување и за унапредување на етничката и културната разноличност, односно богатството на Република Северна Македонија.

– Градиме едно и единствено, општество еднакво за сите. Градиме граѓанско општество, истовремено со почит кон етничките, националните, верските и културните разлики. Тоа е посебноста и суштината на нашето заедништво кое се градеше со векови, што претставува обврска за нашата заедничка иднина.
Затоа сме горди, и затоа етничката и јазичната разноличност ги сметаме за наша предност. За наше заедничко богатство. Затоа велиме: Кога денеска го одбележуваме и славиме Денот на албанската азбука, заеднички го прославуваме и постоењето и зближувањето на две културни традиции кои опстојувале заедно. Тоа е силен доказ дека јазикот и писмото се мостови до другите традиции, култури и духовни наследства. Тоа се клучевите што ги отвораат портите на другите светови за да се запознаваат, почитуваат и да се помагаат едни со други, стои во честитката.

Премиерот Заев упати порака до сите граѓани на земјава дека моделот за иднината започнува со почитувањето на сите народи и етнички заедници и оти тоа е европски и наш начин.  

 

 

 

Добивајте вести на Viber

22.11.2020 - 10:25

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега