Заев: Со Беџети зборував за шпекулациите дека некој го штити Вангеловски во Судскиот совет


Јас разговарам со сите градоначалници кога се работи за проблеми на општините и посебно проблеми кои ги загрижуваат граѓаните, а за кои може да помогне владата. Ова денеска го напиша премиерот Зоран Заев откако градоначалникот на Општина Сарај, Блерим Беџети денеска изјави дека Државната комисија за спречување корупција покренала постапка против него, затоа што го одбил барањето на премиерот Зоран Заев „да влијае на членови на Судскиот совет за да биде сменет претседател на еден суд“.

- Со градоначалникот на Општина Сарај, Блерим Беџети разговарав за проблемот за експанзија на дивоградби на Матка. Барав да се постапува по закон и низ институциите на системот. Тоа го бараат и граѓаните и тоа ќе го обезбедиме затоа што тоа е работа на јавните институции. Работа на градоначалникот е да работи во интерес на граѓаните, а не да брани дивоградби. Должност на секој е да работи и постапува исклучиво по закон. А, за работата на ДКСК судат токму тие кои ја плаќаат нивната работа, а тоа се граѓаните. Не е објективно за работата на ДКСК да судат тие против кои има предмети. Вистината за тоа што јас сум разговарал со Беџети како координатор на правниот тим на ДУИ е следна: 

Сум зборувал за многу прашања кои се значајни за добивање датум на преговори со ЕУ. Сме зборувале за сѐ уште неизгласаниот Закон за јавно обвинителство, за донесените закони за судови и судски совет, но и како да придонесеме донесените закони да се имплементираат, да профункционираат. Со него сум зборувал дека сите учесници во правосудните институции, а избрани во Парламентот, треба да бидат пример за другите учесници во правосудството и да носат одлуки, а не поради било какви изговори постојано да ги одложуваат одлуките. И денеска го повторувам ставот дека правната држава можеме да ја добиеме онаква каква што сите ја посакуваме единствено ако овозможиме слободно и независно да одлучуваат сите учесници во правосудството, без да им се прави притисок за суштината на нивните одлуки, но секако и без да им се дозволи или да им се прави притисок за одложување на одлуките. Беџети, политичарите и граѓаните добро знаат дека постојаното одложување на одлуките во судскиот совет, во врховниот суд, во апелационите судови како и во основните судови низ државата се една од најсериозните причини за бавното враќање на правната држава и делењето на правдата. Дополнително, со Беџети зборував и по повод шпекулациите во јавноста дека некој го штити Јово Вангеловски во Судскиот совет. Ме интересираше дали има вистина во тоа и му укажав дека не е умесно такво однесување, доколку постои. Секој треба да ја понесе својата одговорност согласно закон, без оглед на функцијата која ја врши. Тоа му го кажав на Беџети, тоа го кажувам и јавно, напиша Заев.

 

За потсетување, денеска Беџети тврдеше дека на 17 јули премиерот му се јавил и побарал од него да влијае на одредени членови на Судскиот совет за да гласаат за разрешување на претседател на еден суд во државава.

– Јас му укажав дека тоа не можам да го сторам и му реков дека од мое лично искуство не е добро и тој да се занимава со такви работи, изјави Беџети на прес-конференција.

Тој нагласи дека две недели подоцна Антикорупциската комисија во, според него,  нестандардна процедура во споредба со нивниот начин за работење, набрзина покренала постапка против него.

– Затоа сметам дека и оваа комисија се впуштила во дневно политички манипулации и злоупотреба на службената положба. Кривичните пријави против членовите на Антикорупциска кои гласале за вакво нешто ми се подготвени, истакна Беџети, додавајќи дека е сигурен оти Државната комисија за спречување корупција покренала постапка против него поради тоа што одбил да им каже на членовите на Судскиот совет како да гласаат.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

13.08.2019 - 18:12

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега