Заев: Системот се справува и со крупните и со ситните риби!

 

„Јас сум свесен дека не постои власт за која народот верува дека во нејзиниот прв и втор ешалон нема корупција. И завчера немав намера да го убедувам народот во тоа. Напротив, најважно е што ќе направи секој од нас за да бидеме поблиску до таа цел - а целта е нема корупција во било кој ешалон од власта и во кој било дел од општеството“, истакна во писмена изјава премиерот Зоран Заев, додавајќи дека власта е непријател и противник на корупцијата.

-За разлика од претходната, оваа Влада сериозно ги зема предвид и постапува по меѓународните извештаи. Го читаме и анализараме секој збор, секој наод од сите извештаи и ги третираме како сериозни четива кои ни помагаат да ја менуваме ситуацијата. Нашите мерки се за сите, не само за администрацијата. Нашата антикорупциска стратегија е за сите ешалони - тоа е прочистувањето на правосудството, етичкиот кодекс за функционерите кој важи прво за мене, а после за сите други, постојаното зголемување на транспарентноста на институциите, новата стратегија за конфискација на имот, дигитализацијата на институциите со која се отстранува човечкиот фактор при носењето одлуки и унапредувањето на системот за јавни набавки. Ова се мерки кои спречуваат корупција и кај министрите, и кај службениците и кај граѓаните, одговорил Заев на прашањата на Канал 5.

Според него системот се справува и со крупните и со ситните риби и повеќе високи политичари се веќе со судски пресуди на издржување затворски казни, што, според него, треба да е сериозна порака за секој политичар, особено за тие од прв и втор ешалон, не само за администрацијата.

-Имам јасна порака до сите носители на јавни функции, до прв и втор ешалон, до државните службеници и до граѓаните: Внимавајте, сега се` е јавно, сите знаат се` поради транспарентноста - учеството во коруптивни активности не се исплати и сериозно ќе биде казнето", искоментира премиерот Заев по критиките од синдикатските здруженија и политичките партии, кои реагираа на неговата изјава од завчера, во која вината за корупцијата во Македонија, нотирана и од Стејт департментот на САД, ја лоцираше во „третиот ешалон", односно административните работници.

28.07.2021 - 16:22

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега