Заев: Седиме на маса заедно со најголемите и најразвиените земји во светот

Ако со еден збор треба да го опишам денешниот настан со кој го славиме членството на Северна Македонија во НАТО – тогаш тој збор е успеавме. Успеавме затоа што членството во НАТО е најголемиот придонес за нашата безбедност и стабилност. Тоа е најсилната гаранција за заштита на територијалниот интегритет и на суверенитетот на Република Северна Македонија.

Ова го потенцираше премиерот Зоран Заев во обраќањето денеска на свеченото одбележување на една година од полноправното членството на акедонија во НАТО, како 30-та земја сојузник.

Тој додаде дека пред една година остваривме една од најважните стратешки цели за државата зацртана во темелите на нашата независност и усвоена со едногласна одлука на Собранието уште во 1993 година.

Денес членството во НАТО, потенцира Заев, е израз на нашата натпартиска, широка, мнозинска, национална, мултиетничка и државничка одлука за тоа дека патот напред е патот на демократијата, сигурноста и безбедноста.

– Седиме на маса заедно со најголемите и најразвиените земји во светот. Ние сме еднаков дел од ова големо семејство на развиени демократии. Заедно со нив го даваме нашиот придонес кон светскиот мир и безбедност. Активно учествуваме во мисиите на НАТО, од кои дел се насочени кон зачувување на мирот и стабилноста, а дел кон развој на локалните капацитети и институции за одржување на мир, безбедност и стабилен демократски развој, рече премиерот.

Од минатата година учествуваме во мисијата КФОР на Косово, а од оваа година, најави премиерот Заев, ќе го зголемиме нашето учество, бидејќи, според него, од примарна важност за нас е нашето соседство да е мирно и стабилно.

Како што истакна тој, членството во НАТО е дополнителен мотив за зајакнување на социјалната кохезија во Македонија, и служи за зајакнување на отпорноста на нашата демократија. НАТО, подвлече, е и нашата здружена светска сила во чии рамки се справуваме со опасниот глобален непријател, односно со дезинформациите и манипулациите.

Кога е безбедноста и сигурноста во прашање, наведе премиерот Заев, не сме повеќе тема на дневен ред, туку сега и ние учествуваме во креирањето на дневниот ред, дискутираме за сите прашања и заедно ги носиме одлуките со другите сојузници во НАТО.

Премиерот оцени дека тоа е огромна придобивка од нашиот успех со членството во НАТО и тој успех е најјасно изразен, како што рече, во фактот што како членка на Алијансата, Македонија денес, заедно со сите други сојузници, учествува во стратешкото исцртување на визијата за НАТО во наредните 10 години. – Учествуваме во процесот „НАТО 2030“ во кој сите 30 сојузници заедно се согласија како приоритет да го одржат континуитетот на најсилен воен сојуз во светот, рече Заев.

– За ова прашање имаме и силен политички консензус кој произлегува токму од вториот приоритет на визијата за НАТО 2030 дека посилно од нашите разлики како држави е она што не обединува и што е наша основна мисија: Да се заштитуваме и браниме едни со други и да ги одбраниме нашите вредности што не поврзуваат – демократијата, индивидуалните слободи и владеењето на правото, истакна во обраќањето Заев.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

27.03.2021 - 14:22

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега