Заев-Пејчиновиќ Буриќ: Охрабруваат позитивниот реформски дух и чекорите на добрососедство

 

 

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, придружуван од министерот за надворешни работи, Никола Димитров денеска се сретна со Марија Пејчиновиќ Буриќ, заменик претседателка на Владата на Република Хрватска и министерка за надворешни работи, придружувана од хрватската амбасадорка во земјава, Данијела Баришиќ.

Вицепремиерката и министерка за надворешни работи Пејчиновиќ Буриќ рече дека се видливи и за меѓународната заедница, освен во државава, позитивните промени во Република Македонија. Таа оцени дека премиерот Заев внел позитивен дух на придвижување на сите процеси важни за граѓаните и за државата, како и дека охрабруваат неговите чекори и чекорите на Владата во тие процеси и отвораат перспективи кон посакуваните интеграции.

Заменик претседателка на Владата на Хрватска и министерка за надворешни работи Пејчиновиќ Буриќ ги поздрави и политиките на добрососедство што ги води Владата на Република Македонија и порача дека тоа е патот кон обезбедување политички стабилна и економски просперитетна држава. Таа пренесе поддршка од Република Хрватска за евро – атлантските аспирации на Република Македонија.

Премиерот Заев се заблагодари за големиот пријател што го имаат Република Македонија и граѓаните, во Република Хрватска.

„ Влезени сме во сериозни реформи. Работиме низ дијалог со сите политички и општествени чинители во општеството на национален реформски план, како и на затворање на сите прашања што стојат на патот на перспективите на Република Македонија кон ЕУ и НАТО. ЕУ и НАТО интеграциите значат мир и стабилност, но и економски развој, нови работни места и квалитетен животен стандард“, рече премиерот Заев.

На средбата е заклучено дека се создадени услови за унапредување на трговската соработка меѓу двете земји. За таа цел, премиерот Заев порача дека хрватските фирми се добредојдени во Република Македонија. Разговарано е за продлабочување на соработката во инфраструктурата, енергетиката, здравството, социјалата, земјоделството, животната средина, за примена на искуства од Хрватска во делот на локалниот развој. Исто така, изразена е заедничка определеност кон грижа за потребите на дијаспората во двете држави. Премиерот Зоран Заев на средбата со заменик претседателка на Владата и министерка за надворешни работи на Хрватска Пејчиновиќ Буриќ нагласи дека Република Македонија се гради во едно општество за сите граѓани, во кое што еднакви шанси имаат и ќе имаат граѓаните Хрвати во нашата држава.

 

 

 

13.03.2018 - 14:24

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа