Заев: Одлуката на ЕУ е мотивирачка за Македонија

 

 Премиерот Зоран Заев денеска изрази, како што рече, огромно задоволство од вчерашната одлука за добивање датум за преговори со Европската унија во јуни 2019.

- Имајќи предвид дека во мај 2019 година се изборите за Европскиот парламент, одлуката на ЕУ е комплетно со нашите очекувања. Ние сме среќни и дополнително мотивирани, рече Заев денеска пред почетокот на својот говор на 98. РОС-РОТ семинар во Собранието.

Тој им се заблагодари на сите земји членки на Европската унија за оваа, како што рече, мотивирачка одлука за Македонија.

- Посебно ми е драго што нашите два соседа, Бугарија и Грција водеа плодна дискусија и се изборија за оваа посакувана одлука за Македонија како и за Албанија, рече премиерот.

Тој исто така и честита и на Албанија за вчерашната одлука на Советот за општи работи на ЕУ во Луксембург.

Одговарајќи на прашања на присутните, Заев кажа дека во петок ќе има состанок и дека после тој состанок ќе објават очекувања на одлука од Самитот на НАТО.

- Јас сум во петок наутро веќе со генералниот секретар на НАТО Столтенберг на работен состанок и на прес-конференција и знам дека ќе објавиме очекување на одлука на 11 и 12 јули за покана на Македонија за полноправно членство во НАТО. Тоа значи испраќање на поканата и почнување на три до пет месечниот скенинг процес за уште еднаш да ја провериме земјата и да видиме дали е во суштина подготвена комплетно по што по три месеци очекуваме да се отвори поканата за потпишување на Протоколот од сите земји членки на НАТО, рече Заев.

Убеден е дека сите членки на НАТО ќе го ратификуваат Договорот.

- Ќе ни треба помошта од пријателите тоа да биде побрзо заради тоа што Македонија долги години чека пред вратите на НАТО. Верувам дека ова силно охрабрување не само за нас, туку и за останатите земји кандидати за членство во НАТО ќе значи силна мотивација да продолжат по патот по којшто се движеше Македонија и еве успеа конечно да ја добие поканата од НАТО, рече Заев. 

Претходно, во своето обраќање премиерот Заев кажа дека Македонија од независноста измина тежок пат. 

- Македонија работи посветено за членство во ЕУ и НАТО буквално од својата независност. Како држава денес сме посветени и на градење на меѓуетничка кохезија преку создавање на едно општество за сите, рече македонскиот премиер. 

Потсети дека потпишавме договор за пријателство со Бугарија, како што рече, „ставајќи крај на целата декада штетни политички ставови на двете страни“. Од тогаш трговијата со Бугарија е зголемена за 11,5 отсто. 

Со Договорот за името, Заев кажа дека ќе се создадат и нови услови за соработка и трговија.

- За Македонија тоа значи покана за НАТО како полноправна 30. членка и признание на нашите минати, сегашни и идни напори како стабилизарчки фактор во регионот и подалеку, рече меѓу другото Заев. 

Премиерот потенцира дека Македонија освен решавањето на спорот со името, ќе работи на спроведување на реформите коишто од неа ги бара Европската Унија и НАТО за што има општествен консензус. 

Вчерашната одлука на Советот за општи работи на ЕУ во Луксембург, истакна Заев, е јасен патоказ за иднината на Македонија, ни дава стимул да продолжиме понатаму. 

 

 

 

27.06.2018 - 12:08

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега