Заев: Нашата држава останува посветена на спроведувањето на препораките на ОН

Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев, заедно со министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство - Арјанит Хоџа и постојаната координаторка на Обединетите нации Росана Дуџак, денеска учествуваше на засадувањето млади садници дрва во околината на Велешкото езеро (Младост), по повод Денот на Обединетите нации и 75 годишнината од потпишувањето на Повелбата на ОН.

Изјавата на премиерот Заев ви ја пренесуваме во целост:

„Во името на Владата на РСМ и  сите наши граѓани го честитам значајниот јубилеј на Обединетите нации кои годинава одбележуваат 75 години од основањето. 

Во чест на овој голем јубилеј, Владата на Северна Македонија денеска ја потпиша новата Рамка за соработка за одржлив развој 2021 – 2025 со Обединетите нации.

Рамката е наш стратешки документ што ја насочува работата на сите агенции на ОН што работат во земјата во наредните пет години. Подготвен е со сите агенции на Обединетите нации што работат во нашата земја, како и со сите засегнати страни вклучени во процесите. 

Во оваа пригода сакам да истакнам дека нашата држава останува посветена на спроведувањето на препораките на оваа меѓународна организација, како и на глобалните милениумски цели за одржлив развој. Во духот на борбата против климатските промени, овој свечен јубилеј симболично го одбележуваме со засадување дрва во опожарените велешки региони со што ќе дадеме мал придонес во зачувувањето на здравата животна средина. 

Свесни сме  дека денешниот свет не е истиот од пред седум и пол децении и дека се соочуваме со многу нови безбедносни предизвици, проблеми со недостиг на вода и храна, глобални здравствени предизвици, екстремна сиромаштија, климатски промени. 

Во сите овие глобални превирања, Обединетите нации низ принципот на дијалог и почитување работеа во насока на превенирањето и решавањето на отворените конфликти. Низ начелата на соработка и солидарност оваа организација  покрена клучни иницијативи за надминување на горечки светски проблеми каква што е пандемијата на КОВИД-19.  

Таа ја имаа централната улога во справување со оваа најголема закана за човештвото по Втората светска војна, дејствувајќи преку Светската здравствена организација. Ги координира научно-истражувачките работи, меѓународните активности за заштитата, развојот на тестови, лекови и вакцини. 

Ја користам оваа прилика да истакнам дека нашата држава во соработка со Организацијата на Обединетите нации и натаму ќе работи во правец на  јакнењето на принципите на одржлив развој и изградба на едно просперитетно и инклузивно општество. 

Рамката за одржлив развој креирана во соработка со Владата на Република Северна Македонија е фокусирана  на неколку стратешки приоритети за наредните пет години: самоодржлив и инклузивен општествен  развој,  борба против климатските промени, транспарентно и одговорно демократско владеење, владеење на правото, градење на родовосензитивни политики  и политики за социјална кохезија како и за градење на одговорни и отчетни институции.

Нашата силна посветеност  на усогласувањето на националната политика и законодавната рамка со Целите за одржлив развој е уште еден доказ за нашата цврста волја на сите наши граѓани да им обезбедиме подолг, поздрав и поквалитетен живот“, кажа Заев.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

26.10.2020 - 15:38

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега