Заев на конференција на ГО: Стремиме кон одржлива финансиска поддршка на граѓанските организации

Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев, на покана на организаторот Македонски центар за меѓународна соработка (МЦМС), денеска се обрати на конференцијата „Реформа на системот за државно финансирање на граѓанските организации“, соопшти владината прес служба.

Обраќањето на премиерот Заев пред претставниците на граѓанските организации и на институциите што соработуваат учествуваат во поддршката на граѓанското општество, ви го пренесуваме во целост:

„Една од примарните обврски на општество што негува високи демократски вредности и грижа за сите засегнати страни и учесници во градењето на модерни заедници, е грижата за развојот на граѓанското општество и поттикнувањето на граѓанската свест.

Поминаа само неколку дена од 17 мај, кога се сетивме на настанот од 2015 година, кога над 70 граѓански организации и илјадници граѓани се обединија за да им го вратиме општеството на оние на кои им припаѓа - на граѓаните. Кога десетици илјади граѓани на нашата земја се здружија на масовен, гласен и ненасилен граѓански протест „Граѓаните за Македонија“. Драго ми е што гледам тука многу познати лица од тој ден.

Широката граѓанска коалиција едногласно повика дека моќта на која било идна власт мора да се намали и дека мора да се обезбедат услови, поттик и поддршка за активни, гласни и критички граѓани.

Денеска, Владата на Република Северна Македонија со право вели дека застана зад принципот на еднакви можности за секоја индивидуа во нашето општество. Застана зад принципите на социјална правда и активна заштита и грижа за човековите права на сите индивидуи, а особено на оние кои им припаѓаат на малцинските и маргинализираните групи.

Заедно со граѓаните на нашата земја ги прифативме дијалогот и солидарноста, за да се обединиме и да го вратиме владеењето на правото и правдата.

Создадовме амбиент за слобода на изразување како темелници за новата демократска реалност и за просперитет на нашата земја.

Граѓанските организации активно учествуваа во реформските промени со коишто ја поставивме и ја придвиживме земјата стабилно на патот на Европската унија и на НАТО.

Вашето теренско (грас-рут) искуство, долгогодишната работа, анализите за клучни состојби во државата и од директен интерес за граѓаните на Република Македонија, помогнаа кога го создадовме реформскиот курс.

Соработката со голем дел од вас e интензивна, а граѓанскиот сектор останува активен дел и од практикувањето на политиките на Владата, и од носењето промени на сите нивоа.

Овие заложби, се трудиме да ги решиме системски. Креиравме механизми во системот кои ќе го предвидат, дефинираат и гарантираат учеството и влијанието на граѓанскиот сектор во градење на политиките на Владата. Тоа го гледаме во пракса секој ден, во институциите полека се менува културата за тоа што значи вистинска, суштинска инклузивност во креирањето на политките, а Владата ги третира граѓанските организации како партнер во градење на цврсти политики кои ќе работат во интерес на граѓаните. Таа пракса се преточи во пишани правила и подзаконски акти кои секој министер во нашата Влада ги изгласа, прифати и стави во употреба.

Сето ова се постигна во две години. Тоа воопшто не е малку и затоа сакам тука да се заблагодарам на граѓанските организации кои не само што партнерски ги градеа овие модели со нас, туку и беа многу гласни и критични, а Владата докажа дека го слуша гласот на граѓанските организации и се коригира. Повеќе пати сум кажал, но повторувам јасно и гласно секогаш кога имам можност за тоа, конструктивната критика го движи општеството напред и не притиска нас институциите да работиме подобро.

И тоа даде резултати.

Речиси нема позначајна политичка мерка или реформа без вклучување и консултација на граѓанските организации. Инклузивно и заедно го трансформираме системот, институциите, за да работат по европски правила, во служба на граѓаните, отворено, отчетно и одговорно.

Владата на Република Северна Македонија внимателно и постојано го слуша гласот на граѓанското општество и на граѓаните, при подготвувањето на реформските планови.

Инициравме и му дадовме една нова динамика на дијалогот и партнерството меѓу Владата и граѓанските организации преку Советот за соработка со и развој на граѓанскиот сектор.

Една од најважните задачи на овој Совет е да отвори широка дебата за одржливоста на граѓанскиот сектор, пред сѐ, преку реформата на државното финансирање на граѓанските организации во земјата.

Тоа е наша стратешка определба. Тоа е определба која ни е неопходна ако имаме предвид дека нашиот модел за углед се практиките на Европската Унија кога станува збор за поддршката на граѓанското општество.

Оттаму, организацијата на оваа конференција на темата „Реформа на системот за државно финансирање на граѓанските организации“, ја сметам за исклучително важна.

Од неа очекувам темелни насоки кои ќе бидат дел од сето знаење и препораки што ќе ги собереме од повеќе вакви настани.

Очекувам дека, врз основа тие препораки, ќе добиеме доволно релевантни насоки кои ќе го определат моделот за реформата на системот за одржлива финансиска поддршка на граѓанските организации, кој треба да се заснова на основите начелата на транспарентност и отчетност и да одговара на потребите на граѓанските организации за нивно независно делување. Реформираното државно финансирање треба да го обезбеди придонесот кон реализација на политиките на државата во насока на остварување на правата и потребите на сите граѓани.

Освен учеството на оваа, како и на сите наредни конференции во потрага по најдобриот модел за финансиска поддршка на граѓанското општество, во духот на практиките за инклузивност, Владата на Република  Македонија отпочна и со свои иницијативи за утврдување на најдобрите искуства за да го идентификуваме најдобриот модел за финансирање на граѓанските организации, соодветен на нашите услови.

Во текот на месец април Владата на Република Северна Македонија, односно Генералниот секретаријат на Владата, како носител на одговорноста за соработка со граѓанските организации, и Фондацијата Отворено општество Македонија, потпишаа Меморандум за соработка за реализирање на активноста за подготовка на „Компаративна анализа за моделите на финансиска поддршка на граѓанските организации во земјите од Западен Балкан и ЕУ“.

Оваа активност е дел од Стратегијата на Владата за соработка со и развој на граѓанскиот сектор (2018-2020) и од Акцискиот план за спроведување на мерката 6 од која се очекува „Воспоставување транспарентен и доверлив модел за државно финансирање со воспоставување единствен фонд за институционален развој на граѓанските организации и за кофинансирање на ЕУ проекти“.

До утврдувањето на овој модел, ќе следат бројни расправи и консултации кои треба да резултираат со „Компаративната анализа за моделите на финансиска поддршка на граѓанските организации во земјите од Западен Балкан и ЕУ“. Оваа компаративна анализа ќе ја подготви  Одделението за соработка со невладини организации на Генералниот Секретаријат во соработка со Советот за соработка со и развој на граѓанскиот сектор и од неа се очекува:

- Анализа за финансиската поддршка на здруженијата и фондациите од Буџетот во 2017, 2018 и 2019 година;

- Компаративна анализа на моделите за државно финансирање од другите земји од Западен Балкан и ЕУ; и

- Предлог опции на модел за воспоставување и начин на управување на единствен фонд за институционален развој на граѓанските организации и за кофинансирање на ЕУ проекти во државава.

Првиот драфт на моделот се очекува да биде завршен до крајот на во јуни, по што ќе следува широка консултација со граѓанските организации и повеќе јавни расправи за потенцијалниот модел за државното финансирање и за потенцијалниот модел за кофинансирање на ЕУ проекти во државата.

Проекциите се дека овој модел ќе го имаме до средината на септември оваа година. Затоа е суштински важно, што е можно повеќе јавни дебати да се отвораат, и што е можно повеќе засегнати страни да се чујат, да се пренесат искуства и знаења.

Како и досега, за најважните, суштински прашања од интерес на граѓаните на нашата земја, Владата уште еднаш ја отвори и ја поддржува дебата. Овој пат за идентификување на модел за одржливо финансирање на граѓанските организации во земјата.

Го очекуваме вашиот придонес и знаеме дека ќе го имаме. Од него, заедно со вас ќе стигнеме до модел кој ќе биде гарант за реформата на системот за одржлива финансиска поддршка на граѓанските организации, кој треба да се заснова на основите начелата на транспарентност и отчетност и да одговара на потребите на граѓанските организации“ рече Заев.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

22.05.2019 - 13:45

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега