Заев: Македонија останува посветена на интеграциите, а Грција ќе и помогне да добие датум за преговори со ЕУ

 

Македонија останува посветена на реформите поврзани со започнување на преговорите за членство во ЕУ, а Грција ќе и помогне да добиеме датум за старт на преговорачкиот процес.

Ова се пораките што ги упатија премиерот Зоран Заев и вицепремиерот задолжен за економски прашања Кочо Анѓушев од Солун, на првиот ден од Четвртиот солунски самит.

На маргините на Самитот премиерот Заев синоќа имаше средба со неговиот грчки колега Киријакос Мицотакис, по која изјави дека добил уверување оти Грција ќе помогне да земјава да добиеме датум за почеток на преговорите со ЕУ.

– Премиерот на пријателска Република Грција ќе се бори за нашата земја за конечно да го добие датумот за почеток на преговори и јас сум среќен поради тоа, изјави Заев.

Двајцата премиери на средбата се согласиле дека добивањето датум за почетокт на  преговорите за членство во ЕУ ќе ја потврди европската перспектива на Македонија, но ќе даде од огромен придонес за сигурноста и стабилноста на балканскиот регион и ќе биде дополнителен поттик за економските односи, кои од потпишувањето на Договорот од Преспа бележат нагорен тренд.

Кога станува збор за Преспанскиот договор, Заев и Мицотакис се согласиле дека неговата имплементација треба да оди со позитивната и предвидена динамика, при што се истакнати заложби за отворање нови на граничните премини меѓу двете земји кои придонесат за нивно и за поврзување на регионите и ќе создадат можност за продлабочување на економската соработка. Грција сега е втор најголем трговски партнер на земјава и на трето место по обемот на вкупни инвестиции во Македонија.

Двајцата премиери се согласиле дека зацврстувањето на добрососедските односи и регионалната соработка остануваат суштински критериуми за сите фази на пристапниот процес, но и за зајакнување на нашите билатерални односи.

Премиерот Заев на средбата истакнал и дека очекува Мицотакис да ја посети нашата земја за да продолжат средбите кои ги охрабруваат односите меѓу двете држави.

Вицепремиерот Анѓушев вчера на Самитот во Солун учествуваше на панелот „Југоисточна Европа, предизвици и перспективи“, при што нагласи дека

Владата останува посветена на реформите поврзани со датумот за отворањето на преговори за членство со Европската Унија и на членството во НАТО, пред се за обезбедување на владеењето на правото, стабилноста и економскиот развој на земјата и подобар живот на граѓаните.

– Република Северна Македонија ги направи сите потребни чекори за добивање на датум за отворање на преговорите, сепак ЕУ донесе одлука која е делумно разочарувачка, а е поврзана со процеси кои се случуваат во самата Унија. Ние остануваме посветени кон евроатлантските интеграции за кои сметаме дека носат стабилност и просперитет, посочи вицепремиерот Анѓушев.

Тој оцени дека договорите што земјава ги склучи со Грција и Бугарија претставуваат добар пример на надминување на отворените билатерални прашања и воедно позитивно делуваат на економската соработка. Според него, како резултат на овие договори, трговската размена на земјава со Грција во 2018 година е зголемена за над 20 отсто, а со Бугарија за над 15 проценти.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

15.11.2019 - 08:05

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега