Заев: Концептот едно општество за сите ги обедини граѓаните, земјата оди напред, спротивното на тоа е неприфатливо за граѓаните

На дененешната изјава за медиумите премиерот Зоран Заев одговараше на новинарски прашања во врска со кандатот за претседател кој што ќе го избере СДСМ, но го кажа и своето мислење за кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силијановска.

П1: Дали тоа значи дека не разговаравте за имињата? 

Тоа е втората фаза на разговорите, јас ќе бидам искрен, дури и во СДСМ немаме разговарано, знаете дека имаме кандидати од високото раководство на СДСМ, имаме надпартиски кандидати, анкетиравме десетина луѓе, драго ми е што меѓу нив еден голем дел се фаворити на овие избори, фаворитскиот статус јас им го декларирам преку тоа што гледам како стојат сите граѓани, од сите етнички заедници, и радосен сум, тоа ми даде и за право да прво разговараме со политичките субјекти, после тоа ќе разговарам и јас во раководството на СДСМ за имињата. Но, прво треба да се разговара во органите и телата за потребата од заеднички кандидат. Ние донесовме таква одлука, сакаме заеднички кандидат, кога и другите партии тоа би го оформиле. После тоа, сите заедно ќе ги разгледаат самите кандидати, кое име е попреферирано, подобро, како граѓаните ги прифаќаат самите кандидати, кростабулациите во анализите и анкетите покажуваат многу информациии и податоци што е важно за граѓаните, ако тоа внимателно го следиме, не се сомневам дека ќе успееме. 

П2:  Што покажуваат анкетите за Никола Димитров, дали е прифатлив за сите етнички заедници имајќи предвид дека деновиве се појавија видеа како тој се прегрнува со Јохан Тарчуловски?

-Не сакам да бранам никој, посебно од кандидатите. Прво, Димитров ми е еден од првите соработници, како Министер за надворешни работи, драго ми е што граѓаните Албанци. но и Турци, Срби и Бошњаци, и Власи и Роми и сите останати, но и Македонците, даваат поддршка на поголем број од овие десет кандидати, коишто ги анкетиравме, како за сите други, така и за Никола Димитров. Така што, среќен сум што граѓаните без разлика на сите шпекулации што се пуштаат во јавноста, даваат поддршка на повеќе од пет кандидати и еднакво ги чувствуваат како можен Претседател или Претседателка, било кој од тие кандидати.

П3: Се истакнува ли некој повеќе од сите овие кандидати? 

Се истакнуваат на анкетите, веројатно и анкетите даваат и предност на тие попознатите, поактуелните, тие се тие коишто се истакнуваат. Јас сум внимателен во процесот, секој мој збор може да влијае на некои други субјекти коишто ќе одлучуваат во целата оваа постапка, важно ми е да успееме со настап со заеднички кандидат.

П4: Денеска разговаравте ли за некое име со господинот Ахмети? 

Не разговаравме, само споделивме имиња од прилика кои се анкетирани, како се движиме, знаете дека во нашите кандидати имаше Македонци, Албанци, Власи, и така натаму. Разговаравме, сублимирано, заеднички, и важно беше чувството дека основ има за напори за заеднички кандидат. Кога гледаме како тоа граѓаните здружено, сплотено, со исти перцепции, со исти чувства, селектираат имиња на нивните анкети како сами фаворити. 

П5: До кога си дадовте рок имајќи предвид дека имате закажано партиски конгрес? До каде се постапките?

Постапките се при крај, тоа се паралелни постапки коишто СДСМ ги прави согласно својот Статут, и тие постапки имаат важност за нас заради тоа што нашето членство, активистите коишто ќе тропнат на врата, ќе го промовираат тој кандидат зад којшто ќе застанеме и им даваме право да номинираат имиња, траат и самите постапки за самокандидирање како демократска алатка, на можеби некој којшто нема да биде предложен па да има можност за самокандидирање. Тие постапки завршуваат овие денови, јас верувам дека до крајот на неделата ќе имаме оформено став дали ќе има или не заеднички настап. Веднаш на почетокот на другата недела веќе треба да ги определиме и имињата, оти крајот на наредната седмица е Конгресот а најголемата партија СДСМ кој е закажан на 3 март.Верувам дека при крајот на неделата ако имаме шанси за заеднички кандидат имињата ќе излезат на површина, за кого отприлика се работи. 

П5: Ако не можете да најдете заеднички кандидат со коалицијата со ДУИ и со албанските партии, исто така дали е во можност можеби вие да бидете консленсуален кандидат?

Значи за вас се уште е примамливо дека јас можам да здружам и да сплотам. Драго ми е, благодарам на честа и на убавата порака, убаво е така што се размислува. Јас сум економист, сакам да се посветам на економијата и на реформите, важен процес е за Република Северна Македонија ова што предстои и дефинитивно е кога и да ме прашате се до селекцијата на конечниот кандидат јас ќе останам на ставот дека останувам да работам во извршната власт за да испорачаме резултати, важни за сите граѓани во нашата земја.

П6: Најавивте дека се можни средби и со остатаните партии од албанскиот блок, дали е тоа заради тоа да се исполни цензутот на изборите.

Секако тоа е важно прашање, драго ми е што во анкетите кога ги прашуваме граѓаните, дали излеговте на референдумот се движат од 68 до 78 отсто дека излегле граѓаните на референдумот, а знаете дека бројката беше 37. Овде согледувам една одговорност на граѓаните, односно дека не би дозволиле заради нивна недоволна посветеност да останат дома во втор круг. Тоа ни дава за право да бидеме малку поспокојни, и сето тоа зависи каков амбиент ќе создадеме на самите избори да ги мотивираме граѓаните да излезат. Тие кога денеска ќе ги прашате  дали ќе излезете на претседателски избори и на прв и на втор круг 78 отсто велат да, ќе излеземе, но не е исто тоа што го кажуваат на анкетите и тоа што е во пракса. Значи, зависи колку ние ќе ги мотивираме, колку пријатна кампања ќе им организираме, и колку ќе им дозволиме на опозиционите партии да бидат конторлори на самиот процес на изборите. Изборите мора да бидат исклучително фер, регуларни, демократски и кристално чисти, затоа што Македонија не смее да се враќа веќе назад, ние сме пред добивање на датум за преговори и отворање на поглавје, ваквите прашање треба да бидат комплетно апсолвирани. Ќе следуваат сигурно состаноци со опозицијата како да обезбедиме максимални гаранции за сите учесници во изборите, а пред се за граѓаните, дека изборите ќе бидат кристално чисти. Ние се чувствуваме фаворити на овие избори, фаворитите имаат дополнителна грижа, да обезбедат изборите да бидат кристално чисти.

П7: Професорката Силјановска рече дека таа би прифатила да биде решение за консензуален кандидат за претседател, доколку е поддржана и од СДСМ.

Интересни коментари, но веднаш ќе кажам не е прифатлива. Таа е надвор од секој можен концепт, за којшто е огромното мнозинство на граѓаните. Таа не даде ниту во еден сегмент поддршка на тоа што цел свет денес поддржува и огромно мнозинство граѓани го поддржуваат. Македонија со квантен скок исчекори напред, отидовме во исполнувањето на нашите децениски аспирации. Ние сме денеска земја за која секоја недела се ратификува протоколот за НАТО, ние сме земја којашто извесно е земја-преговарач со ЕУ, а таа е надвор од актулениот концепт на живот, надеж и живеење на огромно мнозинство на граѓаните. Јас имам почит кон сите, дури и кон политичкиот противник, којшто еве застана позади професорката, почитувам се, но апсолутно таа е сосема спротивно од концептот којшто оваа влада и мнозинството на граѓани го развиваат во Македонија, па дури е спротивно и на концептот едно општество за сите.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

18.02.2019 - 16:29

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега