Заев ја прими новоименуваната амбасадорка на САД во земјава Кејт Мари Брнз

Претседателот на Владата на Македонија, Зоран Заев денеска ја прими во посета новоименуваната амбасадорка на САД во земјава, Кејт Мари Брнз. 

Премиерот Заев и посака добредојде и успешен мандат на амбасадорката Брнз во Северна Македонија и изрази благодарност за одличната работа на претходниот американски амбасадор Џес Бејли и заменик шефот на мисијата, Микаела Швајцер Блум.

Претседателот на Владата на РСМ, Зоран Заев како долгорочен интерес на земјата го издвои натамошното интензивирање на билатералната политичка и економска соработка со САД, како и посветеноста на реформската ЕУ агенда за достигнување конкретни резултати во областа на владеењето на правото, антикорупцијата, реформите во безбедноста и јавната администрација. 

Премиерот Заев и амбасадорката Брнз се согласија дека Северна Македонија останува стабилен стратешки партнер на САД, фокусиран на заедничките заложби за безбедност, слобода и демократски просперитет во регионот, како и за заедничките активности во борбата против тероризмот и другите закани  кон мирот во светот. 

На средбата е изразена подготвеност за прифаќање на обврските кои произлегуваат од полноправното членство на НАТО до крајот на 2019 година и почетокот на 2020 година, како што е зголемувањето на БДП од 0,2% годишно на 2% до 2024 година, модернизација на армиските капацитети и зголемување на учеството во заеднички мисии.  Амбасадорката Брнз на средбата рече дека Соединетите Држави со нетрпение очекуваат во наредните месеци да и посакаат добредојде на Северна Македонија како 30-та членка на НАТО, и додаде дека ќе ги вложи своите капацитети и досегашно искуство за да продолжи успешно, економската и политичката соработка меѓу САД и РСМ.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

12.07.2019 - 19:56

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега