Заев: Имаме видливи економски резултати, 2020 година ќе биде година на економијата

Зоран Заев, денеска се обрати во Собранието, во врска со предлозите за разрешување членови на Владата на Македонија и избор на членови на Владата.

Премиерот Заев рече дека врз основа на членот 94 од Уставот на Република Северна Македонија, како претседател на Владата, доставил предлог за разрешување членови на Владата и се заблагодари на Парламентот за прифаќањето на оставките на дел од досегашните министри во Владата, откако пратениците ги прифатија оставките на Љупчо Николовски, од функцијата министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, на Садула Дураки, од функцијата министер за животна средина и просторно планирање и на Зоран Шапуриќ, од функцијата министер без ресор задолжен за регулатива за подобрување на инвестициската клима за домашните претпријатија.

-Предлагам пратениците на Собранието да ги разрешат од должноста г-динот Хазби Лика, од функцијата заменик претседател на Владата, задолжен за спроведување Рамковен договор и политички систем, Драган Тевдовски, од функцијата министер за финансии, Сухејл Фазлиу, од функцијата министер за локална самоуправа.

На сите нив и на министрите кои поднесоа оставка и на министрите за кои доставив предлог за разрешување им се заблагодарувам за нивниот придонес во работата на Владата и им посакувам успех на личен и на професионален план. Истовремено им благодарам што им служеа на граѓаните и на државата, рече премиерот Заев во воведот на обраќањето. 

Претседателот на Владата, Заев, соопшти дека го повлекува предлогот тој да биде и премиер и министер за финансии и објасни зошто тоа одлучил да го направи.

- Уставот, членот 89, став 5, вели функцијата претседател на Владата и министер е неспоива со вршењето други јавни функции и професии. Уставот дозволува премиерот да биде и министер, Истовремено и Законот за Влада тоа го дозволува. Но дефинитивно, тоа што го истакна и опозицијата и тоа што постапува веќе и Антикорупциската комисија и е на дискусија и дебата во нашето општество, ми дава за право, да му соопштам на Собранието дека дадов налог на Кабинетот, да пушти Предлог за повлекување на мојата кандидатура – Зоран Заев за кандидат за министер за финансии.

Уставот тоа го дозволува, и законот, но кога е отворена дилема и дебата, власта, премиерот и сите други треба да ја слушаме и опозицијата и телата како што е Антикорупциската комисија, којашто не расправала, но испрати сериозна порака преку својата дискусија, истовремено и експерти во јавноста, така што формализацијата на оваа работа, министер за финансии да ја извршува функцијата актуелниот премиер ја тргаме од дневен ред, ја повлекувам и најавувам дека, согласно овластувањата коишто Законот за Влада ги дава, ќе раководам со Министерството за финансии до избор на министер, коешто истовремено со членот 11 од законот, тоа до го овозможува, но секако претставува и почитување на законските прописи во државата, рече премиерот Заев.

Претседателот на Владата, Заев се осврна на досега сработеното од Владата и ја образложи потребата од предложената измена во составот на Владата на Република Македонија.

Тој рече дека зад нас се две години од работата на Владата, далеку зад нас е длабоката политичка криза којашто ја надминавме со неопходните длабоки и сериозни реформски процеси за да го надминеме констатираното “заробено општество“, и да ја вратиме довербата во институциите и демократскиот амбиент.

-Имаме што да кажеме на прашањето каде бевме. Имаме одговор каде сме сега. Ја гледаме јасно иднината на нашата држава, имаме темелен акциски план за да ги остваруваме, чекор по чекор, посакуваните европски стандарди во сите сфери од интерес на граѓаните и од интерес на нашето општество, рече премиерот Заев.

Тој, при тоа, потсети и на резултатите од затворените билатерални прашања со соседите, дека постигнавме договор со пријателска Бугарија и тргнавме повеќе од една деценија отворено прашање за нашата земја, што беше загрозувачко прашање и за пријателството и за нашите интеграциски процеси. Ја презедовме одговорноста  и го решивме спорот со постигнување договор со Грција. „Наша одговорност и должност беше да го зачуваме идентитетот македонски. Го зачувавме, и го потврдивме и го зајакнавме. Еднаш засекогаш Македонците и македонскиот јазик се впишуваат во ризницата на светските народи и јазици, и никој повеќе нема дилеми, никој повеќе не го оспорува тоа. Заедно со Албанците, Турците, Србите, Власите, Ромите, Бошњаците и сите други, избравме иднина, наместо неизвесна и бесмислена изолација“. Премиерот Заев оцени дека меѓународната заедница го препозна тоа, ни оддаде признанија, `не препозна како рамноправен партнер, како фактор во регионот, во Европа и во светот и оваа година го добивме најпозитивниот извештај до сега, откако сме држава кандидатка за членство, со чиста, и безусловна препорака на Европската комисија за почеток на преговорите за членство.

-Сработивме многу и имаме резултат. Тоа е секако заслуга на сите граѓани, граѓански организации, Парламентот, Владата, општините, на власта и на опозицијата

Силно веруваме дека заслужуваме одлука и доверба, што ЕУ ќе ја донесе врз основа на сите наши заслуги, рече премиерот Заев

Тој посочи дека за само две години, го обновивме и системот од внатре, во самите институции

-Имајќи го тоа предвид, како претседател на Владата и во име на владиниот состав, јас можам да изразам задоволство од постигнатото. Можевме и имаме намера да постигнеме многу повеќе. Работиме согласно околностите во кои се најдовме, или во коишто се наоѓа Република Северна Македонија.

Ги уверувам граѓаните дека сме на вистинскиот пат, се движиме во добра насока и во тоа ќе бидат уверени сите граѓани на нашата земја. Впрочем, сите резултати тоа и го потврдуваат, порача премиерот Заев. 

Тој укажа на економските мерки што дадоа видливи резултати.

-Растот на бруто домашниот производ во првиот квартал изнесува 4,1 %, што е највисокиот квартален износ во последните две години. Има разлика ако знаеме дека оваа Влада доби во наследство регресија и рецесија, односно негативен тренд од минус 1.8%

Од овие бројки паѓаат во вода сите обвинувања дека нема напредок во економијата. Конечно, стигна и кредитниот рејтинг од агенцијата Фич, каде што после 13 години, имаме зголемување од ББ, на ББ+, со одржлив раст

Процесот за потпишувањето на Протоколот за пристапување во НАТО, како и кристално чистата и безусловна препорака за отпочнување на преговори на ЕУ се исто така признание и за нашите економски политики, но и силен поттик да продолжиме во таа насока, рече премиерот Заев.

Тој посочи дека економијата е ослободена, стопанствениците го чувствуваат позитивниот бран на промени, ги прифатија мерките од политиките за економски раст, и резултатите се видливи и на тој план.

-Минатата година имаме 737 милиони долари странски директни инвестиции во споредба со 205 милиони долари во претходната година се за 260 % поголеми во споредба со просекот од претходните години. Или, за 2.5 пати поголеми од просекот од последните 7 години.

Како резултат на позитивната економска клима, на интензивниот економски раст, значително се раздвижи и пазарот на трудот. Невработеноста се намалува со брзи стапки.

Државниот завод за статистика соопшти дека невработеноста во првиот квартал е 17,8 %. Тоа значи намалување на невработеноста од 4,8 % во изминатите две години.

Во реални работни места е и решението на овој проблем. Отворени се 49.522 нови вработувања. 

Само во еден квартал имаме пад од 1,6% или 17.600 нови работни места, додаде премиерот Заев.

Со секој нов месец бележиме пораст на платите во споредба со истите месеци од претходната година.

Претседателот на Владата посочи на важен факт од Заводот за статистика, зголемување на вработливоста и ја повика јавноста да анализира што тоа значи во однос на прашањето за миграцијата.

-Многу значајниот факт е што, според истиот Завод за статистика, вработливоста на граѓаните е зголемена за повеќе од 35.000. Ако биле 948.000, сега се 985.000. Така што и податокот за миграција  за драматично заминување од државата не е така. Од каде се зголемува вработливоста. Овде покрај вработените, покрај активните баратели на работа, секако е показ и доказ дека се генерира нови баратели на работа. Вкупната вработливост во државата е порасната за 35.000. Нека го анализира јавноста овој податок, за да не се прават драми во делот на миграциите. Да, таа постои, треба да работиме да ја спречиме, но дефинитивно, економските резултати се силна основа за демотивација за заминување на младите луѓе надвор од државата, соопшти премиерот Заев. 

Претседателот на Владата, Заев посочи дека „индустријата расте за 8.8 проценти, извозот е пораснат за 16.5 проценти, растат буквално сите проценти и на плати и на приходи кај граѓаните, намалена е невработеноста за 5 проценти, трговијата со соседите е зголемена помеѓу 10 и 25 проценти.

-Сите индикатори покажуваат дека сме на вистинскиот пат. И треба да продолжиме сите заедно токму во тие насоки. 

Реализација на економските проекти, носи придобивки за сите, нови инвестиции, нови подобро платени работни места, повисок технолошки развој и внесување на иновации, што значи и повисока конкурентност на нашата економија.

Наша цел е Северна Македонија, која веќе се препознава како светол пример, да биде земја на просперитет, со европски вредности, каде достојно се живее. Верувам дека сите ќе продолжиме да работиме во полза на постигање на таа кауза и на тие вредности.

За да го задржиме ова темпо, но и да тргнеме со цврсти и сигурни чекори во исполнување на оваа цел ја прогласивме 2019 година за година за економијата. Во таа насока ќе ги активираме сите перформанси, порача премиерот Заев. 

Претседателот на Владата, Заев порача:

-Следуваат храбри решенија, храбри одлуки за дополнителни придобивки за сите граѓани, во социјалната сфера, во делот на земјоделието, платите, пензиите, во мерките од оперативниот план за нови работни места.

Ги решивме големите интеграциски прашања. Сега фокусот е на поагилното менаџирање на финансиските ресурси на државата.

Тој соопшти дека „она што е важно е на 1 јули да почне враќањето на ДДВ-то за физичките лица, односно за граѓаните“, дека со ова се отвора уште еден канал за враќање на парите кај граѓаните и во тој проект никој не губи, сите добиваат.

-Треба сите да го поддржиме. Ова е проект од кој граѓаните и државата само ќе добијат. Барам од Парламентот и замолувам ако може да се усвои законското решение, за да стартуваме со овој проект порано. 50 милиони евра ќе се вратат пари кај граѓаните, подеднакво, како приматели на фискална сметка. Ако биде успешно првото полугодие, бројките ќе растат до 70, па и до 100 милиони евра. Тоа е дополнително враќање на парите кај граѓаните, рече премиерот Заев.

Тој додаде дека „главна задача во идниот период е порастот на платите“.

-Платите растат на 6.6 проценти. Но не можеме да бидеме задоволни. Ќе има и недостаток на квалификувана работна сила и треба да продолжиме во тој правец. Ќе преземеме одредени конкретни храбри чекори што дефинитивно ќе направат квантен скок, или подобар амбиент за севкупните плати во нашата земја.

Верувам дека до крајот на годината ќе имаме доволно финансиски капацитет за да ги покачиме и пензиите од почетокот на 2020 година. 

Капиталните инвестиции се исто така многу значајни и во фокусот на вниманието и со сите механизми што ги имаме ќе заокружиме процес за да можат граѓаните директно да ја почувствуваат благосостојбата од тие промени, рече премиерот Заев.

Претседателот на Владата, Заев, рече дека со новите, претстојни реформски активности во реализација на големите одлуки што стојат пред нас, ја прошируваме партиципацијата со нови репрезенти од партиите на коалицијата што ја формира Владата.

-За две години, ова е втора поголема реконструкција во владините структури. Вклучително со промените што ги предлагаме денеска, досега се направени разрешувања и именувања во 8 министерства. Идниот владин состав ќе има едно министерско место помалку.

Останувам на мојот став дека јас на луѓето во Владата не гледам како на луѓе од СДСМ, од експертската сфера, од граѓанскиот сектор или од било која друга партија. Гледам на нив како на луѓе кои треба да испорачаат резултати.

За мене највисок критериум е колку нивната работа прави позитивна разлика од претходните политики. Дали перформансите на институцијата со која раководат е променета на подобро, во интерес на граѓаните

Носителите на јавни функции мора да испорачаат резултати со кои се подобрува животот на граѓаните. Во тие рамки ќе се движат размислувањата и одлуките за предлозите за разрешувања и именувања, објасни премиерот Заев во обраќањето околу предложените разрешувања и нови именувања во Владата и рече дека е отворен за одговор на сите прашања од пратениците на собраниската седница.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

26.06.2019 - 15:18

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега