Заев: Илинден блесна двапати во нашата историја

„Светлината на Илинден блесна двапати во нашата историја. Првиот пат, во 1903 година, со илинденската епопеја, која заврши со Крушевската република. Првата Република на Балканот која на почетокот на 20 век силно го пренесе во светот гласот за остварување на вековниот сон за сопствена држава на Македонците и на своите браќа и другари од другите народи кои живееја, живеат и ќе живеат на овие простори“, рече денеска премиерот Зоран Заев во своето обраќање по повод празникот Илинден.

„Вторпат Илинден блесна во 1944 година, во манастирот Св. Прохор Пчињски“, кадешто се одржа Првото заседание на АСНОМ. Тој ден се оствари визијата на бескомпромисниот борец за самостојноста на македонското национално дело, Димо Хаџидимов, кој по повод 20 годишнината од Илинденското востание, во 1923 рече: ‘Македонскиот народ ќе дочека и втор, победоносен Илинден’. И го дочека. Со учеството и победата во антифашистичката голема Светска војна на територијата на Македонија, припадничките и припадниците на партизанските единици на НОБ ја заокружија историската цел – државноста на нашата земја. На првото државотворно собрание на АСНОМ, раѓањето на демократска федерална Македонија го сведочеа и големите светски сили, САД и Велика Британија. Истите наши денешни сојузници во НАТО“, рече Заев.

Во нашиот генетски запис е и кодот на Крушевскиот Манифест од кој произлезе и еден од столбовите на кој се издигна македонската држава. За право за човечки живот без разлика на вера, етничка припадност, порача Заев и додаде:

 

„Да продолжиме да живееме како браќа и сестри како што сме живееле од дедо и прадедо“.

02.08.2021 - 11:39

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега