Заев и Бектеши на почеток со работа на новата фабрика: Членството во НАТО отвора нови пазари

Претседателот на Владата на Македонија, Зоран Заев денеска присуствуваше на настан на кој се означи започнувањето со работа на новата фабрика на компанијата АТС ГРУП и заедно со министерот за економија, Крешник Бектеши со свои обраќања го поздравија отпочнувањето со работа на новата фабрика. На настанот присуствуваа и вицепремиерите Радмила Шекеринска, Бујар Османи, Оливер Спасовски и Садула Дураки.

„Дозволете ми на самиот почеток да посакам успешна работа на новоотворената фабрика на компанијата АТС Груп која се занимава со производство на композитни производи и производи наменети за опрема на армијата и полицијата во делот на балистичка заштита и балистичка безбедност. Нашата земја со извесното членство во НАТО на крајот од годината се препознава како стабилна и сигурна бизнис дестинација. Оваа нова инвестиција на АТС груп и најавите за неколку други инвестиции на компанијата за коишто разговаравме го потврдуваат овој факт. Економските политики, политичката стабилност и финансиската поддршка што ја овозможуваме за нови инвестиции резултираат со релаксирана бизнис клима и охрабрување на инвеститорите да влегуваат во нови инвестиции“, истакна премиерот Заев.

Министерот за економија, Крешник Бектеши рече дека економските политики што ги спорведува Владата имаат за цел да ги олеснат процесот за влез на новите инвестиции во земјата.

„Ние како Министерство за економија дадовме целосна поддршка на оваа компанија што  побрзо да започне со производство во нивните капацитети, а со тоа и извоз надвор од земјата. Имајќи ја во предвид стратешката определба на Владата, но и на сите институции и политички партии за интеграција на земјата во НАТО Алијансата и нашето зачленување кое се очекува до крајот на годината, со оваа фабрика се отвара нов пазар и нов простор за инвестиции од ваков тип на наменско производство. Преку Република Северна Македонија оваа балистичка опрема која што ќе се произведува тука ќе има голема примена кај НАТО земјите и најголемите армии во светот“, рече министерот Бектеши.

Сопственикот на фабриката, Шефшет Демировски во своето обраќање потенцираше дека со влезот на земјата во НАТО, се отвораат бројни можности и перспекитви за зголемувањето на извозот на компанијата. 

 

 

 

Добивајте вести на Viber

11.07.2019 - 16:52

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа