Заев и Анѓушев пред претставниците на најголемите германски компании: Ова е вистинско време за инвестиции во Северна Македонија

 

Претседателот на Владата на Македонија, Зоран Заев и заменикот претседателот во Владата на РСМ задолжен за координација со економските ресори, Кочо Анѓушев, денеска на работната средба со претставници на дел од најголемите компании од СР Германија, разговараа за потенцијалите за соработка и за инвестиции во Македонија.

Премиерот Заев ги информираше извршните директори и членови на управните одбори од германските компании дека политичките и демократските промени во земјата, за кои Северна Македонија ги доби најголемите признанија од ЕУ и меѓународната заедница, вклучително и најновата безусловна препорака на Европската Комисија за старт на преговорите со ЕУ со отворање на поглавјата, создадоа и поволна клима за економски развој и средина која има сериозна поддршка за странските инвеститори.

„Постигнатите резултати од 4,1% раст на БДП во првиот квартал од годината, за разлика од рецесијата од -1,8% во истиот квартал пред две години, растот на индустриското производство и падот на невработеноста за речиси 5% за две години, се само дел од резултатите што ги дава поддршката на владините политики за поддршка на бизнисот. Заедно со бизнисмените од комерцијалниот сектор, создаваме услови бизнисот да прави профит, но и да го забрза развојот на земјата“, истакна премиерот Заев и додаде дека и понатаму ќе продолжат политиките за реформи на јавната администрација за да биде сервис за бизнисот и граѓаните.

Во своето обраќање пред претставниците на дел од најголемите германски компании, вицепремиерот Анѓушев порача дека сега е вистинско време за инвестирање во  Македонија.

„Државната поддршката за странските инвеститори оди до 50% од вкупната инвестиција на инвеститорите по повеќе основи. Уште повеќе нашите политики обезбедуваат предвидлива и одржлива средина за старт и за развој на инвестициите. Поддршката на домашните компании ги прави соодветни партнери на странските компании, а условите што ги креираме во трговските и индустриските развојни зони обезбедуваат европски стандарди за компаниите што сакаат да започнат „гринфилд инвестиција“, нагласи вицепремиерот Анѓушев, и додаде дека силна препорака за нови инвестиции се компаниите што веќе работат во Северна Македонија кои доаѓаат од САД, Канада, СР Германија, Австрија, Грција и од други развиени земји.

Претставниците на германските компании, членови на управни одбори и извршни директори, од телекомуникациите, енергетиката, трговијата, од информатичката и фармацевтската индустрија, ги истакнаа досегашните позитивни искуства од соработката со Северна Македонија и со компаниите од земјата, и се согласија дека позитивниот севкупен развој отвора нови перспективи за соработка и за нови инвестиции.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

13.06.2019 - 11:28

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега