Заев го пречека Шарец: Топло добредојде и силна, јасна поддршка од Словенија за позитивна одлука од Советот на ЕУ во октомври

Претседателот на Владата , Зоран Заев е домаќин на Марјан Шарец, претседателот на Владата на Република Словенија, кој пристигна во работна посета на нашата држава. 

По топлиот пречек пред Владата и тет а тет средбата на премиерите Заев и Шарец, делегации на владите на Република Северна Македонија и Република Словенија, предводени од премиерите на двете држави, имаат билатерална средба. 

На состаноците е соопштена јасна поддршка од Република Словенија за позитивна одлука на Советот на ЕУ во октомври и почеток на преговорите на Република Северна Македонија со Европската унија.  

Премиерот Заев се заблагодари на словенечкиот премиер Шарец за традиционалната, искрена и посветена поддршка што ја дава Словенија на нашата држава во сите демократските процеси од независноста на нашата држава, како и остварувањето на стратешките цели, како што се евроатлантските интеграции. 

На средбата е констатирано дека Република Словенија е значаен економски партнер на Република Северна Македонија и дека во претстојниот период, нашата земја уште поактивно ќе соработува со Словенија, за употреба на позитивните применливи искуства за европскиот напредок на државата. 

Оценето е и дека билатералните односи меѓу двете држави се интензивирани и дека тој тренд ќе продолжи со придобивки за граѓаните на двете земји.   

По билатералната средба, предвидени се изјави за медиумите на двајцата премиери, по што е организиран и ручек во чест на премиерот Шарец.  

Според планираното, словенечкиот премиер Шарец ќе се сретне и со претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери.

Во рамки на работната посета на премиерот Шарец, предвидена е и средба на премиерите Заев и Шарец, со припадници на граничната полиција, вклучително и со контингентот на словенечката полиција на јужната граница со Гевгелија. 

 

 

 

 

Добивајте вести на Viber

10.10.2019 - 17:00

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега