Заев: Економијата е стабилна, од пролет очекуваме подинамично темпо

Претседателот на Владата Зоран Заев на денешната прес-конференција на која беа претставени достигнувањата на Владата за првите 100 дена истакна дека стабилноста на буџетските приходи е евидентна и дека од пролет, со пристигнувањето на вакцината за КОВИД-19 се очекува севкупно заживување на економијата. Тој истакна дека паралелно со нашите чекори кон интеграција во ЕУ, се одвива борбата на Владата за одржување на стабилна економија.

„Влегувањето во Европската Унија е и наша економска мотивација и нема друг пат. Сите наши сили сега се насочени кон одблокирање на вето од Република Бугарија, но интензивно продолжуваме со реформите – правни и економски. Падот на БДП од минус 4,4 проценти  е очекуван. Државата заклучно со 1 декември ќе врати 1 милијарда и 146 милиони евра. Буџетот е стабилен со приливот од најголемите даноци – ДДВ,  данокот на добивка и данокот на личен доход – овие приливи се исполнуваат најоптимистички. Првите десет дена од декември, на пример забележуваме поголема наплата  од  даноци во споредба со истиов месец минатата година“, истакна Премиерот.

Тој додаде дека севкупниот БДП паѓа и заради падот на европска економија, но дека стабилноста на буџетот е евидентна и дека пакетите економски мерки за борба со КОВИД кризата ги дадоа очекуваните резултати.

Премиерот Заев рече дека со рационализација на непродуктивни трошења Владата ќе продолжи да ја помага економијата.

„Ако во периодот април-мај помине кризата, изгледно е да постигнеме раст од 4,1 процент. Очекуваме и да го стабилизираме јавниот долг и во периодот до 2025 година да го вратиме на износ под 60 проценти, секако зависно од растот на БДП“, нагласи Премиерот и најави дека Владата на РСМ има намера да го дофинансира буџетот од продажба на капитали во државна сопственост.

Премиерот за наредната година најави и интензивна борба за сузбивање на сивата економија која значително ќе го дополни домашниот буџет.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

14.12.2020 - 15:44

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа