Заев: Дома или во Австралија, Канада, Америка или Европа, сите да дадеме поддршка на референдумот

 

На средбата со потпретесдателот Мајк Пенс бевме сериозно охрабрени за успех на претстоечкиот референдум. САД беа со нас во текот на целиот процес на изнаоѓање решение на спорот со името со Грција, кој се реши билатерално, но тие беа тука да охрабрат и да мотивираат. Од нашата независност досега САД имаат дадено преку 1,25 милијарди долари поддршка на Македонија во сите области. Поддршаката доаѓаше и во одбраната и во образованието, правосудството и во други области. За одбраната, она што го очекуваме е поддршка преку зголемување на интероперабилноста на армијата со НАТО. Америка е најголемиот партнер во нашето ново партнерсто со Алијансата и верувам дека оваа поддршка ќе продолжи и во иднидна, затоа што тоа го докажавме и кога не бевме членка на НАТО, но сега кога ќе станеме дел од Алијансата, поддршката ќе биде уште поголема - кажа премиерот Заев во интервју за МИА.

Премиерот истакна жалење во врска со поделеноста во дијаспората за референдумот.

- Јас жалам што поделеноста во дијаспората е поголема отколку во Македонија во однос на референдумот. Во Македонија граѓаните со во огромно мнозинство „за“, но верувам и голем дел од опозицијата ќе бидат „за“ и ќе успее референдумот. Нашата дијаспора ни е исто толку важна како и дома. Во суштина не гледам зошто би морало да има ваква поделеност. Јас би сакал да апелирам до сите сите наши сограѓани кои живеат во Америка, но и насекаде во нашата дијаспора, дека Македоија ја исполнува вековно очекуваната аспирација на нашите татковци и дедовци. Тоа е конечно да добиеме земја што е признаена од целиот свет, во која живее македонски народ признаен од сите, со потврден идентитет кој никој повеќе нема да го спори и со потврден и признаен од целиот свет македонски јазик. Никој повеќе нема да го спори македонскиот идентитет! Сите треба да бидеме горди на тоа.

Го споделувам немирот со нашите од дијаспората дека додавката „северна“ во името не се прима лесно. Но нема друга Македонија освен нашата. Северниот дел од Грција е Грција, западниот дел од Бугарија е Бугарија. Ова е само наша Македонија и нема да има друга во светот. А знаејќи каква преспектива и иднина обезбедуваме за државата, но пред се за нашите деца и за генерациите после нас, верувам дека ова е навистина сериозна причина да се обединиме. Со овие зборови сакам да ги мотивирам сите. Без разлика дали сме пријавени и дали сакаме да гласаме или не, сметам дека на Македонија и е насушно потребна поддршката од дијаспората. Но, овојпат е важно сите, без разлика кај и да сме, дома или во Австралија, Канада, Америка или Европа – сите да дадеме поддршка на она што значи единствена алтернатива за нашата Македонија, кажа Заев.

Во врска со тоа дали Македонија добива помош од САД за борба против руские хакерски упади во социјалните мрежи преку кампањата за бојкот на референдумот, Заев кажа:

- Русија јавно истакнува дека е против членство на Македонија во НАТО и тоа е нивно легитимно право. Ние насекаде укажуваме дека за нас нема друга алтернатива освен полноправно членство во НАТО и во ЕУ. Да има би ја разгледале. Сакаме да градиме пријателство со Руската Федерација, и да ги унапредуваме односите, но дефинитивно повеќе од 80 отсто од граѓаните се за членство во НАТО и во ЕУ. Можеби има одредени активности кои се одвиваат на социјалите мрежи. Но, неможам да кажам дека тоа е непријателство кон Македонија. Ние сме демократска земја, имаме пријатели од целиот свет и како демократија логично е да имаме граѓани кои се определни по сите основи, и кон исток и кон запад. Иако повеќе од 82 отсто се за западот. Сите имаат можност да излезат и да гласат на референдумот, да ја изрази својата волја и со тоа да го дадат патоказот, правецот кон кој ќе се движи Македонија.

Од САД не добиваме никаква конкретна поддршка за борба против руската пропаганда. САД принципелно не поддржуваат. Додека со лажните вести ние дома сами се справуваме. Ги користиме сите наши алатки кои ни стојат на располагање, како здруженијата на новинари, асоцијациите за етички стандарди во новинарството, и ние како Влада, со нашите сектори за односи со јавноста, ги поддржуваме тие напори, преку споделување на вистински вести и сузбивање на лажните. Лажните вести ги има насекаде, не само во Македонија, и тоа е глобален тренд. Гледам дека постојат некои алатки за максимално споделување лажни вести и тие алатки се употребуваат од поединци и групи, најверојатно надвор од Македонија. Немаме докази дека тоа се плаќа од кај нас, сигурно доаѓа од надворешни играчи, но граѓаните се доволно мудри да препознаат што се вистински, а што се лажни вести. Ние се обидуваме да ги сузбиеме тие дезинфоремации, за да може вистинските и проверените информации да допрат до граѓаните, бидејќи врз основа на точни и проверени информации, граѓаните ќе донесат исправна одлука и за референдумот, но и за процесите кои следуваат после него.

 

 

 

 

21.09.2018 - 09:01

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега