Заев: Целосно ќе се реконструираат колекторскиот систем, поранешната касарна и Градскиот кеј во Охрид

Претседателот на Владата Зоран Заев на вчерашната трибина со граѓаните на Охрид најави дека приоритет на централната власт кога станува збор за градот ќе биде целосна реконструкција на колекторскиот систем за заштита на Охридското Езеро.

Заев на трибината организирана под мотото „Силна економија – шанса за сите“ појасни дека во тек е конституирање на управните и надзорните одбори од најавеното претпријатие „Колекторски систем“ со што државата и официјално го презема управувањето со системот од „Проаква“, која должи 900 милиони денари.

– Државата ја презема обврската за системот. Не може само Охрид и охриѓани да водат грижа за езерото. Веќе проектираме средства за зајакнување на колекторскиот систем, за негово целосно санирање, што ќе изнесува околу четири милиони евра. Имаме можност за оваа намена да се добие грант, ако не тогаш проектот ќе се финансира со државни пари со цел целиот колекторски систем да се стави во функција, рече тој, притоа посочувајќи дека добро е запознаен оти само три од 21 пумпа во системот се во функција, со приоритет на кракот на системот од Канео кон Струга.

Меѓу другото, тој потсети дека државата сервисираше дел од долгот на Општината, со одблокирана сметка да може да работи во интерес на граѓаните.

Премиерот уште најави реконструкција на поранешната охридска касарна, како потенцијал за локален економски развој, проекти за водоснабдување на селата во поранешната Коселска општина и во Охрид со користење на Свињишките извори, со што трајно би се подобрило водоснабдувањето на целиот регион со 150 до 200 литри во секунда гравитациска вода.

Уште беше посочена целосната реконструкција на Градскиот кеј, проект кој ќе се реализира со средства од ЕУ преку Светска банка, а дел и со пари од државниот буџет.

Сепак премиерот нагласи дека сепак конечна цел е подобрување на туристичката понуда на градот.

– Главно сме насочени сме кон туристичкиот развој, конечна цел е подигнување на квалитетот и доходовен туризам. Мораме да продуцираме квалитетна понуда за да дојдат побогати туристи со поголема платежна моќ. Работиме на можноста за изградба на марината, да се заврши тој цел дел во Охрид, што ќе привлече и малку побогати гости, рече Заев.

Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески од своја страна покрај воспоставувањето нови авионски линии кон Охридскиот аеродром, покрај продолжување на изградбата на автопатот Охрид – Кичево, најави и неколку проекти за подобрување на инфраструктурата во градот и регионот.

Тој рече дека со почетокот на градежната сезона ќе почне долгонајавуваната реконструкција на улицата „Абас Емин“, ќе продолжи реконструкцијата на патот Подмоље – Охрид во должина од 8,5 километри. За наредниот период предвидена е реконструкција на транзитниот пат до бензинската пумпа „Билјанини извори“, патен правец од хотелот „Гранит“ до Пештани, а на почетокот на 2020 ќе се врши реконструкција на државниот пат Струга – Ќафасан. 

 

 

 

Добивајте вести на Viber

02.02.2019 - 13:07

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега