Заев: Бошњаците се нераскинлив дел од богатството во нашата мултиетничка, мултикултурна и мултиконфесионална држава

Бошњаците се составен и нераскинлив дел од богатството во нашата мултиетничка, мултикултурна и мултиконфесионална држава. Иако претставуваат мал по број, се исклучително многу вреден и драгоцен сегмент во концептот „Едно општество за сите“. Владата на Република Македонија и во иднина ќе продолжи да ги зајакнува институционалните можности за негување и унапредување на интересите и културните особености на бошњачката заедница. Ова синоќа го истакна премиерот Зоран Заев во велешкото село Оризари, каде се одбележа Денот на Бошњаците – 28 Септември.

Како што соопшти владината прес-служба, премиерот Заев упати честитки по повод празникот и на Бошњаците им посака многу здравје, успех, благосостојба и просперитет.

– Денеска, заедно со вас по 13-ти пат го празнуваме денот кој го симболизира враќањето на националното име „Бошњак“ и именувањето на вашиот мајчин јазик како босански јазик. Пријателите се познаваат во неволја, а токму припадниците на вашата заедница, Бошњаците секогаш во добро, но и во зло, активно учествуваат во политичкиот живот на Македонија и значајно придонесуваат во изградбата и развојот на институциите на нашата држава, истакна Заев.

Од 2018 година, во нашиот мандат, во образованието на учениците Бошњаци, потсети Заев, им е вратено правото на редовна настава на босански јазик.

-Во овој мандат ќе ги формираме и националните совети на помалкубројните заедници, за да можете и вие Бошњаците да одлучувате што ви е вам важно и приоритет. Така ќе биде и за другите помалкубројни етнички заедници. Владата останува посветена на афирмација на културата, посебностите и традициите на секоја заедница во нашата земја, а во таа смисла и грижата за натамошна интеграција на Бошњаците во македонското општеството, рече Заев. Додаде дека босанскиот јазик денес е дел од програмата на Националната телевизија, а токму овде во Оризари со децении се одржува значајната културно-спортска манифестација „Средби на Бошњаците“.

Премиерот напомена дека во градењето на добри односи со сите земји во регионот, во 2017 и 2018 година нашата земја и Босна и Херцеговина потпишаа серија на билатерални договори. Од кои, како што рече, издвојувам две важни работи: наскоро граѓаните на двете земји ќе почнат да се движат само со лични карти и студентите од земјава во БиХ ќе можат да студираат како домашни студенти и обратно.

-Годинава празникот го славиме во период кога сите ние се соочуваме со најголемата светска криза во новиот век предизвикана од КОВИД-19. А токму врз начелата на почитување и солидарност ќе се справиме со непогодите и предизвиците, градејќи општество на еднакви можности – Едно општество за сите! Во овој мандат Владата сериозно ќе се заложи за подобрување на квалитетот на образованието на јазиците на помалубројните заедници, па така и на квалитетот на образованието на мајчин јазик, рече Заев.

Премиерот честитајќи го празникот, порача – „ Да продолжиме сите заедно да градиме просперитетна иднина и благосостојба. Заеднички да чекориме по европскиот пат, да продолжиме со спроведувањето на реформите и да работиме на подобрување на квалитетот на живот и стандардот на граѓаните“. 

 

 

 

Добивајте вести на Viber

28.09.2020 - 09:33

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега