Заедничка владина седница на Македонија и Бугарија во Софија

Владите на Северна Македонија и Бугарија предводени од премиерите Димитар Ковачевски и Кирил Петков денеска во резиденцијата „Бојана“ во Софија ќе одржат заедничка седница на која, меѓу другото, е предвидено и потпишување на неколку билатерални документи.

Заедничката седница следува по минатонеделната официјална посета на бугарскиот премиер Петков на Скопје кога беше договорено формирање на работни групи од двете страни, кои треба интензивно да работат за надминување на недоразбирањата и за зајакнување на соработката меѓу двете земји.

Скопје и Софија, претходно ги формираа работните групи – економија, трговија и иновации, за инфраструктура, транспорт и поврзување, за европска интеграција и зелени политики и за култура, наука и образование.

Копретседавачи на првата група од македонска страна се вицепремиерот задолжен за економски прашања, координација на економските политики и инвестиции, Фатмир Битиќи,  министерот за финансии, Фатмир Бесими и министерот за економија, Крешник Бектеши. Од бугарска страна со оваа група ќе копретседаваат заменик-премиерот за економија и индустрија и министер за економија, Корнелија Нинова, вицепремиерот за еврофондовите и министер за финансии, Асен Василев и министерот за иновации и раст, Даниел Лорер.

Со втората група од македонска страна ќе копретседаваат министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, министерот за локална самоуправа, Горан Милевски и министерот за информатичко општество и администрација, Адмирим Алити, додека од бугарска вицепремиерот за регионален развој и јавни работи и министер за регионален развој и јавни работи Гроздан Караџов, министерот за транспорт и врски Николај Сабев и министерот за енергетика Александар Николов.

Копретседавачи на третата работна група од македонска страна се вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ, кој поради Ковид-19 не присустува на денешната седница, вицепремиерката за политики за добро владеење, Славица Грковска и министерот за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини. Од бугарска страна со оваа група ќе копретседаваат вицепремиерот за климатски политики и министер за животна средина и води Борислав Сандов, вицепремиерката за ефикасно владеење Калина Константинова и министерката за правда Надежда Јорданова.

Со четвртата работна група од македонска страна ќе копретседаваат првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби, министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска и министерот за образование и наука, Јетон Шаќири, додека од бугарска министерот за образование и наука Николај Денков, министерот за култура Атанас Атанасов, министерот за туризам Христо Проданов и министерот за млади и спорт Радостин Василев.

Во работните групи ќе членуваат и претставници од ресорните министерства и институции, а копретседавачите ќе ротираат согласно тематиката, која ќе биде ставена на дневен ред на состаноците.

Премиерите најавуваа пет работни групи, петтата е историската, но двете влади не формираа засебна работна група, а според она што го кажаа Ковачевски и Петков на прес-конференцијата во Скопје, оваа област ја покрива Мешовитата македонско-бугарска комисија за историски и образовни прашања, но не прецизираа дали ќе остане да работи во сегашниот формат.

Ковачевски и Петков денеска ќе имаат воведно обраќање пред почетокот на состаноците на работните групи, по што ќе остварат тет-а-тет средба, а четирите работни групи ќе имаат паралелни состаноци.

По завршувањето на состаноците предвидено е потпишување на неколку билатерални договори. Меморандум за разбирање и соработка во областа на земјоделството, аграрните науки, селските реони и горското стопанство, кој ќе биде потпишан од министрите за земјоделство на Северна Македонија и Бугарија, Љупчо Николовски и Иван Иванов. Министрите за економија на двете земји Крешник Бектеши и Даниел Лорер ќе потпишат Меморандум за разбирање помеѓу ИАНМСП и Агенцијата за поттикнување на претприемништвото на Република Северна Македонија. Министрите за транспорт и врски Блајог Бочварски и Николај Сабев, пак ќе потпишат Меморандум за либерализација на стоки за и од трети земји, Меморандум за развој на железничкото поврзување Скопје-Софија, преку формирање на заедничка работна група, со цел забрзување на изградбата на железничкиот коридор 8 и Иницијатива за воспоставување на авиолинија – Софија – Скопје.

Бочварски вчера во интервју за Канал 5 изјави дека Коридорот 8 од наша страна, односно експресниот пат Ранковце- Крива Паланка, третата лента кон Деве Баир и целосната рехабилитација на постоечкиот пат треба да бидат завршени кон средината на 2023 година со што ќе имаме комплетно нов Коридор 8, од Скопје до границата со Бугарија. Тоа ќе биде инвестиција од 100 милиони евра.

Тој најави дека новиот начин на соработка ќе ја забрза и динамиката на железницата кон Бугарија, како и дека наскоро ќе се воспостави авиолинија со Софија.

-На средбата на двете работни групи ќе ги отвориме и прашањата за авиолинијата, за процедурите што треба да се завршат и секако за економската исплатливост и вклучувањето на одредени авиопревозници. Тоа е поголема постапка, но сакаме брзо да ја решиме и што е можно поскоро да се отвори оваа авиолинија, истакна министерот Бочварски. Директната авиолинија, како еден од проектите кој ќе се реализираат во најскоро време ја најави и самиот Петов, при посетата на Скопје, давајќи му на овој проект рок од два месеца до целосната реализација.

Двајцата премиери денеска по завршувањето на состаноците на работните групи и потпишувањето на билатералните договори ќе одржат заедничка прес-конференција.

Ковачевски ја предводи владината делегација во посетата на Софија, во чиј состав се првиот заменик-претседател и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби, вицепремиерот задолжен за економски прашања и координација на економските ресорси, Фатмир Битиќи, вицепремиерката задолжена за  политики за добро владеење, Славица Грковска, шефот на дипломатијата Бујар Османи, министерот за финансии, Фатмир Бесими и министерот за економија, Крешник Бектеши.

Во делегацијата се и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, министерот за образование и наука, Јетон Шаќири, министерот за локална самоуправа, Горан Милевски, министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, министерот за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини, министерот за информатичко општество и администрација, Адмирим Алити.

Ковачевски вчера со највисоки државни почести беше пречекан на плоштадот „Александар Невски“ во Софија, а потоа двајцата премиери положија венци пред Споменикот на непознатиот воин и на Светите браќа Кирил и Методиј.

Премиерите Ковачевски и Петков присуствува и на отворањето на прес-центарот на Медиумската информативна агенција – МИА во Софија, каде оценија дека, овој прес-центар и шест дена претходно отворениот на БТА во Скопје, претставуваат важен чекор во насока на унапредување на севкупната соработка меѓу двете земји

Премиерот Ковачевски во обраќањето на отворањето нагласи дека е задоволство кога нешто се работи и кога тоа дава резултати.

– Не е значајно само тоа што имаме прес-центри на двете главни државни новински агенции, туку уште позначајно е што ќе има агенции што ќе споделуваат информации, кои се веродостојни и кои ќе ги одразуваат добрите односи меѓу двете држави, додаде Ковачевски.

Бугарскиот премиер Петков нагласи дека се радува што со Ковачевски ја одржуваат само втората средба, а веќе почнаа да доаѓаат резултати од новиот приод во соработката.

– Од сега натаму ќе биде вака. Секоја недела очекуваме реални, конструктивни резултати, нагласи Петков, додавајќи дека и МИА и БТА ќе треба да дадат свој придонес кон зајакнување на таа соработка.

Директорот на МИА Драган Антоновски нагласи дека со отворањето на прес-центарот, што се наоѓа во Културно-информативниот центар на Република Северна Македонија во Софија, уште повеќе ќе придонесе за побрзи и поточни информации за се она што се случува и во Република Бугарија и во Република Северна Македонија.

Во рамки на официјалната посета на владината делегација на Северна Македонија на Софија, министрите за надворешни работи, Бујар Османи и Теодора Генчовска вчера остварија средба на која изразија задоволство од интензивирањето на дијалогот во последните недели.

Од МНР информираа дека на средбата била разгледана актуелната состојба на политичкиот дијалог и билатералните односи, вклучително и во контекст на имплементацијата на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка од 2017 година. Се разговарало и за доставениот во декември 2021 година, одговор од Северна Македонија на предлозите од Бугарија за пакетот за политички прашања таканаречен „5 + 1”.

За време на посетата на Петков на Скопје, она што двајцата премиери успеаја да го договорат е користењето на краткото име Северна Македонија, подеднакво како и долгото Република Северна Македонија, што беше едно од барањата во патоказот пет плус еден. Но, како што, наведе претседателот Стево Пендаровски неодамна во интервју за ТВ 24 новиот пристап во соработката значи и нова методологија за работа, така што де факто нема повеќе план 5+1, кој произлезе по, како што рече, пропаднатиот Лисабонски предлог и тој е надвор од маса.

Северна Македонија и Бугарија во периодот што претстои, а во рамки на новата динамика на соработка, која ја најавија двајцата премиери Ковачевски и Петков, треба преку состаноците на работните групи да ги приближат позициите во повеќе сфери, да се фокусираат на она што е практично остварливо, со цел да се отвори патот за решавање на потешките прашања и конечно надминување на спорот и одблокирање на почетокот на првата меѓувладина конференција на Северна Македонија и Европската Унија. 

25.01.2022 - 08:13

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега