Забрзување на економскиот раст очекуваат економски експерти анкетирани од Народната банка

 Постепено забрзување на економскиот раст од 3,1 отсто годинава, 3,3 следната и 3,6 отсто во 2021 година очекуваат економските аналитичари учесници во најновата анкета на Нарордната банка спроведена во јуни, годинава.

Испитаниците, како што стои во објавената Анкета,  ги поврзуваат ваквите очекувања со продолжување на поволните трендови од претходната и првиот квартал на оваа година, олабавувањето на монетарната политика, довербата и очекувањата на економските субјекти, владините мерки за поддршка на претпријатијата, очекуваната интеграција во НАТО и ЕУ, зголемувањето на инвестициската и извозната активност, инфраструктурните проекти најавени од државата, како и со растот на личната потрошувачка поврзан со растот на просечната плата, кредитирањето и пониската невработеност.

Во однос на мартовската анкета, испитаниците имаат очекувања за посилен раст на економијата во периодот од 2019 до 2021 година.

Испитаниците очекуваат и постепено забрзување на инфлацијата. Во 2019 година очекуваат таа да изнесува 1,6 отсто, 1,8 наредната година и 1,9 отсто во 2021 година.

Умереното забрзување на инфлацијата, испитаниците го објаснуваат со повеќе фактори, како што се зголемената минимална плата, повисоката домашна побарувачка, повисоките цени на енергијата согласно очекуваниот раст на цената на нафтата на светскиот пазар, како и општиот раст на светските цени на примарните производи.

Во споредба со претходната анкета, очекувањата се променети во надолна насока за 0,2 процентни поени за 2019 година и 0,1 процентни поени за 2020 и 2021 година.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

12.07.2019 - 17:19

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега