За утре закажана седницата на Законодавно-правната комисија за автентично толкување

Собранието на Република Македонија за утре во 14 часот ја закажа седницата на Законодавно-правната комисија на која треба да се расправа по Барањето за давање автентично толкување на членот 11 од Законот за помилување („Службен весник на Република Македонија” број 20/1993), поднесено од пратениците Сашко Костов и Диме Велковски.

Претходно денеска Владата го испратила до Собранието мислењето за автентично толкување на член 11 од Законот за помилување, по што собранискиот спикер Талат Џафери го доставил до претседателката на Законодавно правната комисија Соња Мираковска.

Владата на денешната седница го усвои мислењето на Министерството за правда да се прифати иницијативата за автентично толкување на член 11 од Законот за помилување, поднесено од пратениците Сашко Костов и Диме Велковски.

Како што се наведува во соопштението од владината седница, во мислењето на Министерството за правда се вели дека Законот за помилување беше изменет и дополнет во 2009 година, кога беше укинат членот 11, кој содржеше можност за помилување без спроведување на постапка.

– Според ова мислење, во март 2016 година, Уставниот суд го укина Законот за изменување и дополнување на Законот за помилување од 2009 година, но со укинувањето на законот од 2009 година, не се враќа во сила одредбата од членот 11. Тоа значи дека претседателот на Републиката немал, ниту пак сега има правна можност да даде помилување без спроведување на постапка врз основа на тој член и според тоа сите акти за помилување на претседателот на државата засновани на член 11 од Законот за помилување објавен во„Службен весник на Република Македонија“ број 20/1993, се незаконски и како такви ништовни, се вели во соопштението.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

03.12.2019 - 19:31

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега