Вучиќ: За викенд без полициски час, ќе има заострување на мерките

Претседателот на Србија Александар Вучиќ изјави денес во обраќањето до граѓаните на Србија дека српската премиерка Ана Брнабиќ и министерот за здравство Златибор Лончар утре ќе ги донесат новите мерки, кои веројатно нема да вклучуваат полициски час.

Вучиќ на конференцијата за новинарите во зградата на Претседателството кажа дека Брнабиќ и Лончар утре одржуваат седница на Кризниот штаб, на која ќе бидат донесени конечните одлуки за заострувањето на мерките за заштита од коронавирусот.

„Сметав, и не го кријам тоа, имајќи ја предвид тежината на ситуацијата и преполните болници во Белград, дека забраната на движење е најдоброто решение“, кажа српскиот претседател и додаде дека полициски час не може да се воведе без претходно прогласување вонредна состојба.

Според него, полицискиот час би гарантирал „брзо оздравување“, а другите мерки би им оделе од рака „на сите што сакаат да им се додворат на луѓето“, наведувајќи дека поблаги мерки суштински нема да донесат побрзо решение и помало заразување на граѓаните.

„Отвораме нови болници за ковид. И Ана (Брнабиќ) и Лончар сметаат дека постои уште една шанса да се заострат мерките, но да нема полициски час. Сакам да им кажам на граѓаните на Србија дека јас сум против тоа и сметам дека единствениот спас е да одиме во забрана на движењето“, порача Вучиќ.

Порача и дека „камењата и Молотовите коктели не се лек за коронавирусот“.

„По сѐ што се случи синоќа, мене би ми било срам под притисок на насилници и хулигани да отстапам од моите зборови. Силата на нашиот тим ја покажува тоа што не одлучувам јас, туку морам да го почитувам мислењето на моите пријатели и колеги. А и не можам сам да ја укинам вонредната состојба. Ние немаме лек за короната, нема никој. Нема ни вакцина. Сосема сигурно е дека лек за ова општество не се ножевите, камењата и Молотовите коктели. Затоа би ги замолил луѓето да се однесуваат дисциплинирано, особено во Белград. Тука веќе немаме решенија“, изјави Вучиќ.

Тој истакна дека „нема да им компромис со насилниците“.

„Сите што учествуваа во палењето автомобили и повредувањето полицајци ќе бидат казнети и тука милост нема да има. Компромис со хулиганите нема да има. За политички компромиси и разговори секогаш сме спремни, но ако е нешто смислено“, кажа српскиот претседател.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

08.07.2020 - 17:11

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа