Вучиќ: Србија е сцена за посредна војна помеѓу Истокот и Западот

 

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, во интервју за „Ројтерс“ изјави дека Србија е сцена за посредна војна помеѓу Истокот и Западот.

Во интервјуто за овој британски медиум, кое се случи еден ден откако противниците на Еуропрајд маршираа на улиците, шефот на српската држава рече дека Белград се обидува да одржи деликатна рамнотежа меѓу неговата амбиција за влез во Европската Унија и врските со Русија и Кина.

„Не можам да кажам дека тоа (протестот) беше посреднички напад, бидејќи таму имаше многу обични луѓе… но дали има посреднички конфликт во Србија – има, без сомнение. Тука има индиректен конфликт меѓу Истокот и Западот“, рече тој.

„Ројтерс“ потсетува дека Србија е кандидат за влез во Европската унија и дека ЕУ е нејзин најголем трговски партнер и инвеститор. Авторот на текстот ја нагласува воената неутралност на Србија, но забележува и дека земјата одржува врски со НАТО и купува оружје од земјите-членки, но и дека речиси целосно живее од руски гас и дека во минатото купувала оружје и од Русија. Понатаму во текстот се наведува дека Кина е голем инвеститор во Србија и дека парите главно ги вложува во рударството и инфраструктурата. Ројтерс потсетува и дека Србија во Обединетите нации ја осуди руската инвазија на Украина, но одби да се приклучи кон санкциите против Москва.

„Се обидуваме да преживееме… со што е можно помалку рани и лузни“, рече Вучиќ, кого Ројтерс го опишува како поранешен националист кој ја прифатил проевропската политика.

Зборувајќи за ситуацијата во Косово, Вучиќ рече дека не верува оти властите во Приштина сакаат „сериозен разговор или сериозен дијалог“.

„Верувам дека оние земји кои ја штитат таканаречената независност на Косово ќе го убедат режимот во Приштина да не игра (со) конфликт во регионот, кој секако е полн со проблеми“, рече тој.

30.08.2022 - 09:11

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа