Српскиот претседател Александар Вучиќ попладнево најави дека за три до четири месеци, а можеби и порано, ќе поднесе оставка од претседателската функција. Тој во изјава за Радио Белград откри дека веќе започнал со подготовките за заминување од кабинетот.
Зборувајќи за потенцијалните датуми за одржување вонредни избори, тој рече дека „тоа нема да биде изненадување за никого“ и дека нема да каже „дека го скратува својот мандат, туку дека поднесува оставка“.
„Почнав да ги пакувам книгите од Претседателството. Ќе донирам 1.200 што ги добив за време на мојот мандат на некоја институција, се уште размислувам која“, рече Вучиќ.
Како што појасни српскиот претседател, техничките детали околу изборниот процес се веќе во план, при што децидно ги исклучи летните месеци како опција за гласање.
„Избори ќе има за неколку месеци. Дали ќе бидат за три или четири, тоа е друго прашање, техничко прашање… Нема да има избори во јули или август, тоа е сигурно. А дали ќе бидат распишани е друго прашање, но нема да бидат во јули и август“, рече Вучиќ.
Вучиќ соопшти дека на големиот собир кој ќе се одржи на 27 јуни во Белград, државата ќе излезе со конкретен план и програма, а тогаш официјално ќе биде промовирано и името на партиската листа на владејачката СНС за претстојните избори.


