Вучиќ: Имаше позитивни и негативни реакции, но иницијативата „Отворен Балкан“ е во интерес на регионот
Претседателот на Србија Александар Вучиќ денеска изјави дека регионалната иницијатива, која од вчера се нарекува „Отворен Балкан“, е важна за иднината на граѓаните и е во интерес на регионот, поради што нејзината имплементација ќе продолжи и покрај сите критики, јави дописникот на МИА од Белград.
-Имаше многу позитивни и многу негативни реакции, но освен бесмислената политика на затворање и ксенофобија, не слушнав сериозни аргументи против тоа, изјави Вучиќ сумирајќи ги заклучоците по вчерашниот самит во Скопје.
Вучиќ изјави дека слушнал и критики од некои европски центри, и покрај тоа што регионалната иницијатива се базира на принципите на слободен проток на стоки, капитал, услуги и луѓе.
Тој кажа дека разбира зошто некои од нив се лути, бидејќи не се во позиција да управуваат и да одредуваат што ќе се прави во регионот, туку дека ние самите ги преземавме работите во наши раце и самите си ја одредуваме иднината.
-И ние ќе продолжиме така, така прават слободните и независните држави. Работиме во наш најдобар интерес, ќе ги намалиме трошоците. Ова е голема и важна иницијатива за иднината, изјави Вучиќ.
Дека иницијативата ќе има многу противници, се виде, кажа тој, со реакцијата на Албин Курти, но и со реакцијата на дел од властите од Сараево, кои, како што истакна, не ги разбира, бидејќи тоа е во нивни најголем интерес.
-Но, можеби со толку многу искуство и знаење, јас не сум доволно професионален и способен да ги разберам нивните причини против оваа иницијатива … Но, тоа не е важно. Ние ќе продолжиме со тоа, бидејќи тоа е важно за нас, изјави Вучиќ во Велика Плана.
Премиерката Ана Брнабиќ оцени дека иницијативата „Отворен Балкан“ помеѓу Србија, Северна Македонија и Албанија е една од најубавите работи што се случија во регионот од пед конфликтите во 1990 -тите.
– Таа е невероватна и зборува за тоа што можеме да направиме и што би можеле да направиме ако се приклучи целиот Балкан, изјави Брнабиќ во српскиот парламент.
Според директорот на Друштвото за истражување на политиката и политичката теорија, Владимир Павичевиќ, иницијативата „Отворен Балкан“ е најсериозниот проект за мир на Балканот и потенцијален економски напредок на нашиот регион во последните две децении.
– Кој не учествува во овој проект, не ги разбира тековните процеси во нашиот регион или во Европа – објави Павичевиќ на Твитер.
Од друга страна, професорот по трговија на Економскиот факултет во Белград, Зоран Богетиќ, оцени дека најавите за слободно движење на граѓаните и стоки во Србија, Северна Македонија и Албанија со Иницијативата „Отворен Балкан“ се добри пораки, во кои треба да се верува само кога ќе се остварат.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа