Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска изјави дека во регионот се одвива интензивно вооружување и формирање воени сојузи, оценувајќи дека станува збор за континуирана кампања насочена против Србија и српскиот народ.
Говорејќи на отворањето на Амбасадорската конференција во Белград, организирана од Министерството за надворешни работи, Вучиќ предупреди дека не треба да се потценуваат состаноците и договорите за воена соработка меѓу Приштина, Тирана и Загреб, бидејќи тие имаат јасни политички и безбедносни цели.
Според него, проширувањето на овие договори и обидите во нив да се вклучат и други земји од регионот не се симболични, туку претставуваат сериозен безбедносен предизвик. Вучиќ рече дека за ова разговарал со претставници на НАТО и Европската Унија, но дека, како што наведе, не добил конкретни одговори.
Тој оцени дека последиците од овие процеси веќе се видливи и тврди дека се кршат принципите на Повелбата на Обединетите нации и Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ОН, додавајќи дека САД и Турција, според него, отворено ги вооружуваат Албанците на Косово и Метохија.
Вучиќ изјави дека брзите испораки на оружје, меѓу кои и хаубици од 105 милиметри, имаат за цел да ја загрозат Србија, нејзиниот територијален интегритет, како и безбедноста на цивилното население и безбедносните структури, пренесува Танјуг.
Тој постави прашање и за целта на интензивното вооружување на Хрватска, нагласувајќи дека станува збор за постојана кампања против Србија, иако дел од земјите во регионот се членки на НАТО или се на евроатлантскиот пат.
Говорејќи за идните приоритети, Вучиќ нагласи дека зачувувањето на мирот и стабилноста ќе биде најтешката, но и најважната задача на државата и нејзината дипломатија.
Осврнувајќи се на глобалниот контекст, тој изјави дека Србија не го добила очекуваниот напредок во односите со САД, посочувајќи дека прашањата за царините и санкциите кон Нафтената индустрија на Србија не биле во интерес на земјата. Според него, поддршката во тешки моменти не доаѓала ниту од Истокот, ниту од Европската Унија.
Вучиќ предупреди и дека одредени регионални и глобални актери започнале нов бран на признавање на независноста на Косово.
„За нас, Косово и Метохија е неотуѓив дел од Србија. Така било и така ќе биде. Ве молам да нема дискусија за ова прашање – во спротивно не ја застапувате државната политика,“ рече Вучиќ, обраќајќи им се на амбасадорите.
Косово прогласи независност во 2008 година и е признаено од околу 119 држави, додека Србија и понатаму го смета за дел од својата територија.

