Втор ден СЕФФ: Дебати за енергијата, зелената транзиција и двигателите на растот по кризата
Скопскиот економско финансиски форум СЕФФ продолжува денеска со дебати во рамки на форумските столбови „Енергијата, зелената транзиција и инфраструктурата“ и „После кризата: Двигатели за економски раст“.
Вториот ден од меѓународната конференција, според агендата, ќе стартува со обраќања на шефот на државата Стево Пендаровски и претседателот на Собранието Талат Џафери, по што ќе се дебатира на темите „Енергија и зелена транзиција“, „Инфраструктура, поврзаност и трговија“, „Финансиски иновации и инвестиции во услови на неизвесност“, „Нови предизвици за добро владеење“ и „Човечкиот капитрал во 21 век“.
Меѓу учесниците на панелите се претседателката на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) Одил Рено-Басо и потпретседателката на Европската инвестициска банка (ЕБОР) Лилјана Павлова. На одделни панели се предвидени учества и на вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ и на министрите за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини, за транспорт и врски Благој Бочварски, за образование и наука Јетон Шаќири и за здравство Беким Сали, на директорот на Секретаријатот на Енергетската заедница, Артур Лорковски, на претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимовски и на повеќе амбасадори.
Форумот ќе биде заокружен со панел на кој министерот за финансии Фатмир Бесими и поранешните министри во овој ресор ќе ги сумираат оценките и укажувањата од дводневниот настан.
На стартот на форумот, вчера, на првиот панел кој се однесуваше на тоа како да се одговори на макроекономските предизвици во турбулентни времиња, а во насока на одржување на економскиот раст, беше порачано дека на кус рок се потребни таргетирани мерки за поддршка на ранливите категории граѓани и фирмите кои се директно засегнати од кризата и одржување на стабилноста. На среден и долг рок, пак, поттикнување на конкуретноста и растот преку фокус на структурните реформи: зелена транзиција, енергетска ефикасност, дигитализација, вложувaње во човечки капитал и поврзување со земјите во регионот.
Како што беше истакнато, изминатите две години светот и економијата постојано беа соочени со нови шокови и искушенија – прво пандемијата, која е најдлабоката рецесија од Втората светска војна наваму, а потоа и нарушување на синџирите на добавување што предизвикаа раст на цените на примарните производи, особено енергентите, како и затегнување на условите на финансиските пазари. Војната во Украина ја имаше улогата на катализатор во растот на цените на примарните производи, предизвика дополнителни нарушувања на синџирите на добавување и раст на претпазливоста кај инвеститорите и потрошувачите. Заканите од пандемијата се се уште присутни, а светската економија се соочува со повеќе кризи истовремено.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа