Денеска нè очекува променливо облачно време со сончеви периоди и појава на магла во одделни котлини. Според Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), во текот на денот ќе дува слаб ветер од југоисточен правец.
Температурите ќе се движат во интервал од -4 до 1 степен во утринските часови, додека максималните дневни ќе достигнат од 4 до 12 степени. Во Скопје се очекува слично време, променливо облачно и тивко со магла, со температура до 4 степени.
Од УХМР најавуваат промена од утре навечер:
„Кон крајот на денот и во следните денови под влијание на серија влажни воздушни бранови ќе има повремени локални врнежи од дожд, наместа пообилни. Поради спуштање на постуден воздух од север на планините и на некои од повисоките места врнежите ќе преминуваат во снег.“

