Коалицијата ВЛЕН реагираше на изјавите на претставници на коалицијата НАИ, оценувајќи дека нивните обиди да ги претстават резултатите од локалните избори од 19 октомври како „мандати за пратеници“ се доказ дека, како што наведуваат, НАИ не само што изгубила гласови, туку и контакт со реалноста.

„Ова беа локални избори. И токму тука Албанците проговорија појасно од кога било – тие избраа промени, тие избраа ВЛЕН. Во повеќе од десет општини, Албанците ја дадоа својата доверба во нова енергија и во луѓе кои работат, а не во оние кои се кријат зад лажен патриотизам кога немаат што да му понудат на народот“, се наведува во реакцијата на ВЛЕН.

Од коалицијата додаваат дека, според нив, резултатите покажуваат дека „ВЛЕН ја покрива целата политичка карта на Албанците“, и дека тоа е „единствената карта што се брои – онаа на слободната волја на граѓаните“.

Во соопштението се посочува и дека изјавите на Арбер Адеми, Блерант Рамадани, Кренар Љога и други претставници на НАИ, кои, како што стои, „смислуваат имагинарни графикони за идни пратеници“, се доказ за „паниката што ја зафати нивната коалиција“.

„Тие сè уште не ја разбрале пораката на народот дека е време за реформи, а не за измислување бајки за да ги држат будни своите поддржувачи“, се додава во реакцијата.

Од ВЛЕН го коментираат и отсуството на лидерот на НАИ, Али Ахмети, велејќи дека тој „четири дена по ред не се појавил во јавноста“ и дека „можеби сè уште ги чека резултатите од својот референдум“.

Во завршницата на соопштението, коалицијата ВЛЕН иронично им посакува „почести јавни настапи“ на функционерите на НАИ, со став дека „секој пат кога ќе проговорат, НАИ губи по илјада гласови“.

Им посакуваме на Арбер Адеми, Блерант Рамадани и Кренар Љога почести јавни настапи. Секој пат кога ќе проговорат, НАИ губи илјада гласови. И ние, искрено, немаме ништо против тоа, велат од Влен.

Exit mobile version