Вознемирувачко видео: Деца вооружени со калашников пукаа на полицајци во САД

Две деца избегаа од малолетнички дом во Флорида, упаднаа во куќа и пукаа со калашников кон полицајците кои дојдоа на местото на настанот, соопштија американските власти.

12-годишно момче и 14-годишно девојче пронашле оружје во куќата во која провалиле во Ентерпрајз на Флорида, па пукале кон замениците на шерифот, соопшти канцеларијата на шерифот од областа Волусија.

Девојчето било застрелано и повредено откако вперило оружје кон полицајците, а 12-годишното момче вооружено со калашников АК-47 набргу го испуштило оружјето и не било повредено, рекоа од канцеларијата на шерифот.

Снимките од камера прицврстена на телото ги покажуваат полицајците кои се кријат зад дрвјата додека одекнуваат истрели околу нив. Видеото со девојчето кое било застрелано е нејасно. Од звукот на видеото може да се заклучи дека станува збор за хаотична сцена, додека полицајците брзаат да и пружат медицинска помош на девојчето кое вреска од болка.

Девојчето било оперирано и е во стабилна состојба, соопштија властите. Замениците на шерифот не беа ранети во пукањето.

Според канцеларијата на шерифот, обвиненијата против децата сè уште не се потврдени.

Макфакс

03.06.2021 - 12:51

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа