Во утробата на мртов кит пронајдена лигава супстанца вредна милион евра

Рибари од Јемен наидоа на „добитен тикет“ вреден нешто повеќе од милион евра. Добитниот тикет е всушност смрдлива супстанца тешка речиси седум килограми, попозната како сив килибар – кој се цени повеќе од сребро.

Во Јемен, една од посиромашните земји лоцирана на јужниот крај на Арапскиот Полуостров, група рибари пронајдоа тело на кит, чиј стомак содржел сив килибар вреден околу милион евра.

Оваа ретка, цврста, восочна и запалива супстанца која се формира во цревата на китот, со препознатлив мирис со слатка нијанса на мошус и море, е важна состојка во индустријата за парфеми. Само еден процент од сивите китовите ја произведуваат оваа супстанца, а научниците понекогаш поминуваат години и години истражувајќи го овој вид китови, без никогаш да најдат сив килибар.

Освен што го продолжува траењето на мирисот, тој содржи и околу 30 различни хемиски соединенија. Парфемите што содржат килибар се исклучително популарни, а нивните цени вртоглаво растат. Сивиот килибар по грам може да достигне дури 30 пати поголема цена од среброто.

И токму поради тоа, сиромашните рибари се побогати за нешто повеќе од милион евра багодарение на супстанца што се акумулира со текот на времето во цревата на китот, а потоа животното, како измет, го исфрла во океанот.

„Еден од рибарите ни се јави и рече дека таму има кит, и дека постои можност да содржи сив килибар. Штом се приближивме до китот, се почувствува силен мирис. Го влечевме до брегот и му го пресековме стомакот, таму маше сив килибар“, еден од среќните рибари изјави за Би-би-си.

„Мирисот не беше најпријатен, но вреди многу пари“, додаде тој.

Макфакс

01.06.2021 - 14:59

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега