Во светот 1,4 милиони заразени со коронавирус - во Македонија бројот се искачи на 599

Во светот досега се регистрирани 1,4 милиони лицa заразени со новиот коронавирус. Од нив починати се околу 80 илјади, а оздравеле 300 илјади. Кај нас, со вчерашните 29 новозаболени пациенти, вкупната бројка достигна 599. Починаа 27, а излекувани се 30 лица.

Според местото на живеење, досега случаи на Ковид-19 се регистрирани во: Скопје – 254; Куманово – 128; Дебар – 49; Штип – 20; Прилеп – 34; Тетово – 29; Струга – 28; Велес – 10; Битола – 6; Охрид – 3; Кавадарци – 2; Гостивар – 4; Гевглелија – 4; Струмица – 2; Крива Паланка – 3; Радовиш – 4; Крушево – 2 и Кочани – 17.

Засега, како што соопшти вчера министерот за здравство Венко Филипче, нема најава дека статистиките ќе поминат во позагрижувачка форма, односно дека ќе почне експоненцијално да расте бројот на пациенти. Вели дека ги разгледуваат статистиките, и оти враќањето на вообичаената бројка меѓу 20-30 пациенти дијагностицирани во текот на 24 часа претставува линеарен раст на бројот на пациенти.

На Инфективната клиника се хоспитализирани вкупно 67 пациенти од кои шест се на механичка вентилација, 12 се со потешка клиничка слика, а влошена е состојбата и на родилката од Куманово, која се уште е респираторно самостојна, но со значајно полоша клиничка слика и радиографски наод на белите дробови.

Во Градската општа болница „8 Септември“ хоспитализирани се 19 пациенти од кои тројца се на респираторна машина, а девет со потешка клиничка слика.

Од четворицата пациенти хоспитализирани во Штип – еден е со средно-тешка клиничка слика и тројца со лесна клиничка слика.

Сите пациенти од болницата во Охрид завчера пристигнале во Клиничката болница во Битола и сега тие таму ќе се лекуваат.

Откако 18 вработени се дијагностицирани со Ковид-19 во Кумановската болница, направена е реорганизација на работата и сега болницата работи непречено. Од пред неколку дена во поддршка на вработените на инфективното оделение дошле двајца лекари од Штип и од Скопје со што капацитетите се задоволени.

Министерот вчера информираше дека еден возач од итна медицинска помош е позитивен на коронавирусот, тој на работното место бил со целосна заштита опрема и се анализираат неговите контакти во приватниот живот.

Денеска треба да се тестираат сите луѓе кои изминативе денови биле во контакт со вработен на Клиниката за дигестивна хирургија во Скопје, кој кажал дека има заболени од коронавирус во семејството, а во моментов сите тие се во изолација.

Филипче информира дека има доволно тестови и заштитна опрема. На располагање се 4.000 тестови, 5.000 се донација од приватна лабораторија, а во тек е е постапка за 3.000 дополнителни тестови. Тестовите, како што рече, како бројка воопшто не се проблем, ниту пак може да бидат некаква закана во целокупниот процес на тестирања. Досега во земјава се направени 5.879 тестирања на Ковид-19.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

08.04.2020 - 08:12

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега