Во Службен весник на Грција објавена одлуката за граничните премини - дозволен влез за Македонците

Македонија е меѓу земјите за кои, веќе и официјално постои исклучок од забраната за влез во Грција, согласно министерската одлука објавена во Службен весник, во која детално се објаснети условите за патување кај јужниот сосед, јави дописничката на МИА од Атина.

За влез во Грција, за сите со наполнети пет години, задолжително е или сертификат за вакцинација или негативен ПЦР тест направен 72 часа пред патувањето или потврда за прележан Ковид-19.

Со потврда за вакцинација дозволен е влез доколку се поминати 14 дена од ревакцинацијата, а сертификатот треба да биде на англиски, француски, германски, италијански, шпански или руски јазик, издаден од јавна установа и да ги содржи податоците: име и презиме, како што се заведени во пасошот, вид на вакцина и бројот на дози, заедно со датуми кога се примени.

Во случај да се патува со негативен ПЦР тест, треба да биде во рок од 72 часа пред пристигнувањето во Грција, да биде направен во одобрена приватна или државна лабораторија и да биде на англиски, француски, германски, италијански, шпански или руски јазик.

Алтернативно, патниците кон Грција може да патуваат со потврда дека биле болни од Ковид-19 или да покажат резултат од позитивна дијагноза со ПЦР  или антиген тест, што е валиден од два до девет месеци од датумот на заболување наведен во документот.

Исто така, за сите патници, задолжителен е и електронскиот формулар PLF (Passenger Locator Form), достапен преку интернет страницата https://travel.gov.gr, што треба да биде пополнет пред патувањето, по што се добива потврда со QR-код и се смета за неопходен документ за влез во Грција.

Сите посетители на Грција, може да бидат подложени на тестирања по случаен избор со брзи тестови при влезот. Доколку се тестираат, ќе треба да ги почекаат резултатите, а во случај на позитиве тест, ќе бидат во 14-дневен карантин.

Од копнените граници кон Македонија, отворен е само Евзони (Богородица).

Согласно министерската одлука, продолжена е забраната за влез во Грција на државјани на трети земји, а исклучок има освен за Северна Македонија и за Австралија, Обединетите арапски емирати, САД, Велика Британија, Израел, Канада, Белорусија, Бахреин, Нов Зеланд, Јужна Кореа, Катар, Кина, Кувајт, Украина, Руанда, Русија, Саудиска Арабија, Србија, Сингапур и Тајланд.

За прекршување на мерките во конкретната министерска одлука предвидени се парични казни од 500 и 5.000 евра.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

14.05.2021 - 14:30

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега