Од 2012 до 2025 година во дискотеката „Пулс“ во Кочани не била извршена инспекциска контрола од инспектор за противпожарна заштита, колку што ѝ е познато на вештото лице Викторија Будимовска Секуловска. Таа денеска одговараше на вкрстени прашања на одбраната во судскиот процес за пожарот во кој загинаа 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени.

Будимовска Секуловска посочи дека при вештачењето било утврдено оти во објектот бил истакнат само еден план за евакуација, додека главната влезно-излезна врата не ги исполнувала условите за противпожарна врата.

„Сè што спаѓа во противпожарна врата, паник-рачка, систем за кочење во отворена положба и самата огноотпорност, не било исполнето на таа врата“, рече таа.

Пред судот повторно одговараше и вештото лице Маријана Лазаревска, која претходно ги образложуваше градежните интервенции направени при пренамената на објектот.

Лазаревска рече дека, иако задачата на вештаците не била да ја утврдат причината за пожарот, нејзиниот личен став е дека иницијален извор биле прскалките, додека материјалот кој можел да се запали и да придонесе за ширење на пожарот бил сунѓерот во објектот.

Таа нагласи дека целта на проектирањето е објектот да биде безбеден и во услови на пожар, без оглед на тоа од што тој ќе биде предизвикан, и додаде дека наодите од вештачењето не се темелат на еден документ или на претпоставки, туку на целокупната документација и извршените анализи.

Судијката Дијана Груевска-Илиевска во текот на расправата посочи дека со пренамената на објектот во кабаре и дискотека било потребно дополнително осветлување, што претпоставува и интервенции во електричната инсталација.

Со изведувањето на градежното вештачење, изработено од тим од Градежниот факултет при УКИМ, и распитот на вештите лица треба да заврши доказната постапка на Обвинителството, по што со свои докази треба да започне одбраната.

Пожарот во дискотеката „Пулс“ избувна на 16 март 2025 година. Во трагедијата загинаа 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени.

Exit mobile version