Во новиот состав на Собранието има најмногу правници, економисти и лекари, еден генерал во пензија и еден студент

Согласно здравствените протоколи за заштита од ширење на Ковид-19, вчера во Собранието на Република Македонија, во салата со Голема купола се одржа конститутивната седница на десеттиот парламентарен состав каде присуствуаа 117 од вкупно 120 пратеници избрани на предвремените парламентарни избори одржани на 15 јули.

Најмладиот пратеник, односно пратеничка во овој парламентарен состав е Артина Ќазими и доаѓа од редовите на коалицијата Алијанса за Албанците и Алтернатива, додека најстарите пратеници се Илија Николовски од коалицијата „Можеме” и Стојан Миланов од коалицијата „За обнова на Македонија”.

На дневен ред на конститутивната седница беа четири точки, од кој само за првите две имаше расправа. Останатите точки кои предвидуваат избор на претседател на Собранието, негови заменици и членови и нивни заменици на Комисијата за прашања на изборите и именувањата, според претседателот на претходниот состав Талат Џафери, ќе се дискутираат тогаш кога ќе се создадат услови за тоа.

Во новиот парламентарен состав, мандати освоија 43 жени и 77 мажи.

 

Според досега објавените податоци, на кои се повикува порталот Факултети.мк, во новиот парламентарен состав најмногу има правници – 28, економисти – 18 и дури 19 лекари. Во законодавниот дом седнуваат и еден педагог, 6 политиколози, еден филолог, 10 професори/наставници во основно и во средно образование. Највозрасниот пратеник, 72-годишниот Илија Николовски, е пензиониран генерал, а најмладиот, 23-годишната Артина Ќазими, е студентка. Во име на граѓаните од парламентот ќе одлучуваат 14 доктори на науки, 9 магистри, тројца магистранди, а има деветмина професори на факултет. Двајца пратеници се со средно образование.

Во новиот парламентарен состав има тројца електроинженери, двајца шумарски инженери, еден информатичар и по еден архитект, новинар, етномузиколог, ветеринар, биолог, земјоделски инженер, хемичар, историчар на уметност, технолог, социјален работник и еден психолог.

Поради пандемијата, вчерашната конститутивна седница се одржа под посебни здравствени околности. На присутните во Собранието при влезот во зградата им беше мерена телесна температура, а на сите влезови беа поставени средства за дезинфекција.

Бидејќи станува збор за вондредни околности и е неопходно одржување на задолжителна физичка дистанца меѓу пратениците, конститутивната седница се одржа во Големата сала на Собранието, односно во салата позната во јавноста како Голема купола. Меѓу пратениците се почитуваше физичката дистанца и истите носеа заштитна опрема.

Гласањето на седницата ќе одвиваше рачно (со картончиња), а од седницата имаше директен пренос на Собранискиот канал на Националниот радидифузен сервис МРТ. 

 

 

 

Добивајте вести на Viber

05.08.2020 - 09:11

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа