Во недела е Прочка- кое е значењето на обичајот амкање јајце

Празникот Прочка или Велики Поклади, меѓу народот познат и како Проштени Поклади, спаѓа во најголемите христијански празници, според некои веднаш по Божик и Велигден.

Со Прочка започнуваат и долгите Велигденски пости, период исполнет со многу обичаи и верувања, со многу одречувања и надежи за пречек на Христовото воскресение (Велигден) за причесна и идентификација со Спасителот Исус Христос.

Обичајот проштевање тргнува од христијанското сфаќање за помагање и проштевање меѓу луѓето. Се верува дека на овој ден и небото и земјата се проштеваат па тоа треба да го сторат и луѓето. Небото затоа што ѝ погрешило на земјата со громови, мразеви, поројни дождови и сл. бара прошка. И луѓето еден од друг бараат прошка за грешките. Притоа, секогаш помалиот бара прошка од постариот, децата од родителите, крштеникот од кумот, а се проштеваат и пријатели, роднини, соседи итн. Откако три пати ќе се поклони помладиот му вели на постариот: „Прости ми!“, на што овој одговара: „Простено да ти е и од мене и од Господа“, или само: „Просто да ви е“. Во некои краишта на Македонија тој што барал прошка носел некаков подарок како портокал, лимон, суво грозје, алва, јајце и др. и во таа смисла во некои краишта портокалот останал како симбол на проштевањето.

За Прочка се прави заедничка вечера во семејството на која се запокладува со сирење и јајца. Вечерата завршува со амкање јајца за децата. Вистинската смисла на овој обичај е дека пред постот, на последното јадење, запостуваме и ја затвораме устата со бело јајце и потоа, на Велигден ја отвораме и замрсуваме со црвено јајце.

Утредента, првиот ден по Прочка е чист понеделник кога големиот велигденски пост веќе почнал. Така е именуван затоа што почнува нашето очистување со постот – духовно и телесно.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

08.03.2021 - 10:58

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа