Системот „Сејф сити“ добива значително проширување и во иднина ќе опфаќа многу поширок спектар на сообраќајни прекршоци, најави министерот за внатрешни работи Панче Тошковски. Камерите веќе не се користат само за пребрзо возење, туку преку нив се евидентира сè што се случува на асфалтот.

Тошковски нагласи дека целта е подигнување на безбедноста во сообраќајот и поефикасна контрола на оние кои не ги почитуваат правилата.

„И сега констатираме поголем број на прекршоци. Не е само брзо возење, туку и погрешно престројување, погрешно свртување, поминување на црвено светло“, рече Тошковски.

Следниот период е предвидено системот софтверски дополнително да се унапреди, со што автоматски ќе се прошири листата на прекршоци што ќе можат електронски да се регистрираат и санкционираат.

Една од првите следни фази во овој процес ќе биде и воведувањето на казни за возачите кои непрописно ги оставаат своите возила на коловозите.

„Во делот на погрешно паркирање, тоа ќе е една од првите фази кои ќе бидат имплементирани“, изјави министерот.

Тошковски појасни дека во целиот процес ќе бидат вклучени повеќе институции, бидејќи се работи за масовен прекршок, а МВР сака да ги прецизира сите правила за да нема неправилности при изрекувањето на казните за граѓаните.

„Тука ќе бидат вклучени повеќе институции, бидејќи е многуброен прекршок, не сакаме, при нецелосно утврдени правила на игра, да имаме казнување на граѓаните. Затоа сме внимателни во овој дел“, изјави тој.

Како прва зона каде ќе започне целосната примена на овој проширен електронски систем, министерот ги одреди клучните сообраќајници во главниот град.

„Прв таргет за имплементирање, односно детектирање, ќе бидат главните крвотоци во градот Скопје, односно булеварите“, додаде Тошковски.

Exit mobile version