Македонската сообраќајна полиција, како членка на Европската мрежа ROADPOL, од денеска се приклучува кон големата европска акција за контрола на брзината. Акциските контроли ќе траат до 19 април, со посебен фокус на санкционирање на возачите кои не ги почитуваат ограничувањата.
Клучниот момент од акцијата е најавен за среда, 15 април, кога ќе се спроведе 24-часовен „Маратон на брзина“. Во периодот од полноќ во среда, па се до полноќ во четврток, на територијата на целата држава ќе има непрекинати контроли на брзината на движење.
Од Министерството за внатрешни работи нагласуваат дека брзото возење останува една од водечките причини за тешки сообраќајни незгоди. Преку проектот „Безбеден град“ и постојаните контроли, целта е да се зголеми свесноста кај возачите и да се спасат човечки животи.
Поголемиот дел од локациите каде ќе се вршат контролите се веќе познати, со цел акцијата да има првенствено превентивен карактер.
„Целта не е казнување, целта е сообраќај во рамките на обележаните брзини, сообраќај кој спасува животи“, порачуваат од МВР.


