ВМРО обвини за скандалозен тендер за мамографи - Министерството за здравство демантира

Андоновска од ВМРО-ДПМНЕ денеска обивни за нов скандал во Министерството за здравство.

- Двете години од раководење со здравството од страна на Венко Филипче и СДСМ може да се сумираат и да се каже дека поминуваат единствено во најблаго речено криминални тендери. Скандалозен тендер за раегенси и централизирани лабораторатории, скандалозен тендер за сржта на медицината – стерилизацијата, а сега на повидок е веројатно нов скандалозен тендер за набавка на мамографи. Во јавноста има информации за набавка на осум нови мамографи и тоа по цена од 85 милиони денари! Официјалните податоци пак говорат дека во минатото шест мамографи се набавувале во вредност од 35 милиони денари. Разликата е огромна и прашањето е каде ќе завршат парите на граѓаните. Сите се свесни за напредокот на технологијата, но во околности кога министерот се поврзува со толку многу криминални тендери, со толку многу лаги, тешко е дури и да се помисли за искрени намери“, вели Андоновска.

Прашува зошто дупло поскапи мамографи:

- „Зошто дупло поскапи мамографи? Пак ли знае однапред, како и за реагенсите, на која фирма ќе и го даде и овој тендер? Дали тендерската документација ја подготвува по теркот на негова фирма? Дали тендерот ќе го објави кога веќе ќе биде договорен. Знаеме Филипче бега од одговори, бега од дебати со оние кои имаат поинакво мислење. Но, станува збор за трошење на народни пари и во овој случај одговорност мора да има. Ако мисли да продолжи на ваков начин да го урива здравствениот систем, крајно време е Филипче да си оди. Филипче мора да ја напушти функцијата и да дозволи некој кој е способен да го води здравството", потенцираше Марија Андоновска од ВМРО-ДПМНЕ.

 

Министерството за здравство најостро реагира за денешната прес-конференција на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ.

- Во однос на обвинувањата дека во Министерството за здравство има сомнителни набавки, сакаме да ги потсетиме ВМРО-ДПМНЕ за одлуката на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, во која се вели дека нема место за јавнообвинителска интервенција во предметот со јавните набавки во Министерството за здравство. Ова е и доказ дека нема сомнителни тендери. Согласно член 76 од Законот за јавните набавки Договорниот орган може, по донесување на одлуката за јавна набавка, а пред објавување на огласот за јавна набавка, да спроведе технички дијалог со економските оператори. Со самото тоа што Министерството за здравство објавило технички дијалог и овозможило секој економски оператор да даде свои мислења и коментари, може да се види отвореноста и транспарентноста на самата постапка, иако Законот за јавни набавки дава можност да не се спроведе техничкиот дијалог. Во ова фаза на постапката (технички дијалог), 4 (четири) економски оператори доставија коментари и предлози во однос на тендерската документација и истите се разгледуваат од страна на стручни лица, велат од МЗ.

Потенцираат не е отворена јавна набавка за мамографи.

- Од причина што постапката се уште не е отпочната/објавена на ЕСЈН самите понудувачи немаат можност да поднесуваат понуди, поради што се поставува прашањето како би можело Министерството за здравство да фаворизира некој економски оператор кога постапката не е објавена, односно не е завршен техничкиот дијалог, кога немаме конечна тендерска документација, која се објавува по завршување на техничкиот дијалог во кој ќе бидат јасно наведено што се прифаќа, а што не од коментарите и барањата од економските оператори кои што учествуваа во истиот. Министерството за здравство, Ви стои на располагање и отворено е за какво било појаснување или одговор во секое време, пред да се пласираат неточни информации во јавноста, кои внесуваат забуна, паника и се на штета на пациентите, завршуваат од МЗ.

 

 

 

 

Добивајте вести на Viber

14.07.2019 - 13:55

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега